[layerslider id="1"]

1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат основањето, надлежноста, организацијата, функционирањето и укинувањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување, разрешување и престанок на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија, основите за избор, разрешување и за престанок на функцијата јавен обвинител, дисциплинската постапка за јавните обвинители, оценувањето на работата на јавните обвинители, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Член 2

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Член 3

Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Член 4

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Jавен обвинител на Република Македонија и јавните обвинители во јавните обвинителства во Република Македонија.

Член 5

(1) Јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти и во рамките на своите надлежности, се грижи за ефикасност на кривичноправниот систем.
(2) Јавниот обвинител во вршењето на функцијата обезбедува еднаквост на граѓаните пред законот, независно од полот, личните определби, расата, бојата на кожа, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување и имотната и општествената положба.
(3) Никој не може да влијае врз самостојноста и непристрасноста на јавниот обвинител во вршењето на функцијата.

Член 6

(1) Јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, согласно со Уставот и овој закон.
(2) Почитувањето на принципите од ставот (1) на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.

Член 7

Се забранува политичко организирање и дејствување во јавното обвинителство без да се ограничи правото на слобода на изразување, вероисповест, лични определби, здружување и собирање.

Член 8

(1) Јавното обвинителство е должно да ја информира јавноста за одделни случаи по кои постапува, а кои предизвикуваат поширок интерес во јавноста или се од значење за остварување на неговата функција.
(2 Jавниот обвинител на Република Македонија, главниот виш јавен обвинител, главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал корупција и главниот основен јавен обвинител или од нив овластени лица на јавноста и на средствата за јавно информирање им обезбедуваат пристап до информациите за состојбата на криминалитетот и други прашања од општо значење од работењето на јавното обвинителство, под услови пропишани со закон.
(3 Јавниот обвинител на Република Македонија доколку смета дека одредени податоци или коментари објавени во медиумите ги кршат уставните права на презумпција на невиност, принципот на самостојност на јавното обвинителство или работењето на јавното обвинителство врз основа на Уставот и закон има право и обврска да се обрати на јавноста и е должен да укаже дека се повредени наведените принципи.
(4)Јавниот обвинител на Република Македонија може да дозволи увид во уписници и списи на јавното обвинителство на лице на кое тие податоци му се потребни во вршењето на научно-истражувачка работа.
Увидот може да се врши само во уписниците и списите кои се архивирани во согласност со закон што ја уредува материјата за класифицирани информации.

Член 9

(1) Јавното обвинителство има печат во кој е содржан грбот и името Република Македонија, називот на јавното обвинителство и неговото седиште.
(2) На објектот во кој е сместено јавното обвинителство мора да бидат истакнати знамето на Република Македонија, грбот и името Република Македонија, називот на јавното обвинителство и седиштето на јавното обвинителство.
(3) Во јавно обвинителство основано за подрачје на два или повеќе судови од кои барем еден суд е со седиште на подрачјето на единиците на локалната самоуправа во кои покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, друг службен јазик и неговото писмо е јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, печатот, називот и седиштето на јавното обвинителство, се напишани односно истакнати на македонски јазик и кирилско писмо и на јазикот и писмото што исто така е службен на подрачјето на таа единица на локалната самоуправа.

Член 10

Јавниот обвинител во извршувањето на функцијата соодветно ги применува одредбите од Законот за кривичната постапка, што се однесуваат на употребата на јазиците.

2. ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Член 11

Јавното обвинителство е организирано како Јавен обвинител на Република Македонија, Јавно обвинителство на Република Македонија, Виши јавни обвинителства, Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основни јавни обвинителства.

Член 12

(1) Јавно обвинителство се основа за подрачје на суд од соодветен степен, пред кој надлежно постапува.
(2) Јавното обвинителство на Република Македонија се основа за целата територија на Република Македонија со седиште во Скопје.
(3) Вишо јавно обвинителство се основа за подрачје на апелационен суд.
(4) Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се основа за целата територија на Република Македонија.
(5) Основно јавно обвинителство се основа за подрачје на еден или повеќе основни судови.

Член 13

Во Република Македонија се основаат следниве основни јавни обвинителства:
1.Основно јавно обвинителство во Берово за подрачјето на Основниот суд во Берово;
2.Основно јавно обвинителство во Битола за подрачјето на Основниот суд во Битола;
3.Основно јавно обвинителство во Велес за подрачјето на Основниот суд во Велес;
4.Основно јавно обвинителство во Гевгелија за подрачјето на Основниот суд во Гевгелија;
5.Основно јавно обвинителство во Гостивар за подрачјето на Основниот суд во Гостивар;
6.Основно јавно обвинителство во Дебар за подрачјето на Основниот суд во Дебар;
7.Основно јавно обвинителство во Делчево за подрачјето на Основниот суд во Делчево;
8.Основно јавно обвинителство во Кавадарци за подрачјата на основните судови во Кавадарци и Неготино;
9.Основно јавно обвинителство во Кичево за подрачјето на Основниот суд во Кичево;
10.Основно јавно обвинителство во Крива Паланка за подрачјето на Основниот суд во Крива Паланка;
11.Основно јавно обвинителство во Кочани за подрачјата на основните судови во Кочани и Виница;
12.Основно јавно обвинителство во Куманово за подрачјата на основните судови во Куманово и Кратово;
13.Основно јавно обвинителство во Охрид за подрачјето на Основниот суд во Охрид;
14.Основно јавно обвинителство во Прилеп за подрачјата на основните судови во Прилеп и Крушево;
15.Основно јавно обвинителство во Радовиш за подрачјето на Основниот суд во Радовиш;
16.Основно јавно обвинителство во Ресен за подрачјето на Основниот суд во Ресен;
17.Основно јавно обвинителство во Свети Николе за подрачјето на Основниот суд во Свети Николе;
18.Основно јавно обвинителство во Скопје за подрачјето на Основниот суд Скопје I Скопје;
19.Основно јавно обвинителство во Струга за подрачјето на Основниот суд во Струга;
20.Основно јавно обвинителство во Струмица за подрачјето на Основниот суд во Струмица;
21.Основно јавно обвинителство во Тетово за подрачјето на Основниот суд во Тетово и
22.Основно јавно обвинителство во Штип за подрачјето на Основниот суд во Штип.

Член 14

Во Република Македонија се основаат следниве виши јавни обвинителства:
1.Вишо јавно обвинителство во Битола за подрачјето на Апелациониот суд во Битола;
2.Вишо јавно обвинителство во Гостивар за подрачјето на Апелациониот суд во Гостивар;
3.Вишо јавно обвинителство во Скопје за подрачјето на Апелациониот суд во Скопје и
4.Вишо јавно обвинителство во Штип за подрачјето на Апелациониот суд во Штип.

Член 15

Во Република Македонија се основа Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со седиште во Скопје.

Член 16

(1) Во јавно обвинителство со поголем обем на истородни предмети, заради подобра ефикасност и специјализација во работењето на јавното обвинителство, на одделно потесно подрачје од неговата надлежност може да се формираат одделенија како внатрешни организациони единици. Со работата на одделението раководи јавен обвинител определен според годишниот распоред за работа на јавното обвинителство врз основа на потесна специјализација и стручност на јавниот обвинител кој се поставува за раководител на одделението.
(2) Во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во јавно обвинителство основано за подрачје на суд со проширена надлежност се формираат специјализирани одделенија за следење и откривање на криминалитетот со посебна стручна служба согласно со одредбите од овој закон. Во јавните обвинителства основани за подрачје на суд со проширена надлежност се формираат и специјализирани одделенија за малолетници.

Член 17

(1)Заради ефикасно остварување на функцијата на кривично гонење, за подрачјето на едно или повеќе јавни обвинителства се формираат истражни центри на јавното обвинителство.
(2)Истражните центри се формираат со одлука на Јавниот обвинител на Република Македонија.
(3)Истражните центри од ставот (1) на овој член може да се формираат за основните јавни обвинителства со проширена надлежност и за јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
(4) Вкупниот број на припадници на правосудната полиција во истражните центри на јавното обвинителство се определува со одлука на Јавниот обвинител на Република Македонија, по претходно мислење на министерот за внатрешни работи, министерот за правда и министерот за финансии. Доколку министрите во рок од 15 дена од барањето не дадат мислење, Јавниот обвинител носи одлука и без тие мислења.
(5) Работите во истражниот центар ги вршат полициските службеници од Министерството за внатрешни работи, припадниците на Финансиската полиција и со закон овластени лица на Царинската Управа кои работат на откривање на кривичните дела и лицата вработени во јавното обвинителство согласно со овој закон.
(6) Припадниците на правосудната полиција во истражните центри се избираат по пат на внатрешен оглас објавен во државните органи од ставот (5) на овој член, за време од четири години, со право на повторен избор, при што се запазува соодветната и правичната застапеност на заедниците.
(7) Постапката по огласот од ставот (6) на овој член се спроведува во Јавното обвинителство на Република Македонија од страна на Комисија формирана од Јавниот обвинител на Република Македонија.
(8) Постапката за избор, правото и висината на посебен надомест и дисциплинската одговорност на припадниците на правосудната полиција во истражните центри се утврдува со посебен Правилник, кој го донесува Јавниот обвинител на Република Македонија.
(9) Правата од работен однос на припадниците на правосудната полиција во истражните центри во јавното обвинителство се остваруваат во државните органи од каде што доаѓаат, а начинот на остварување на обврските и одговорностите се уредува со договор за соработка склучен меѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии и Јавното обвинителство на Република Македонија.
(10) За времето додека работниците се избрани да работат во истражниот центар не може да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети од работeњето na предметниот случај без изрично одобрение на Јавниот обвинител.

Член 18

(1) По потреба заради ефикасно спроведување на кривичната постапка, на јавниот обвинител, по негова наредба ќе му бидат доделени на работа еден или повеќе конкретно определени службеници од составот на правосудната полиција.
(2) Функционерот кој раководи со конкретното Министерство или друг државен орган е должен да постапи без одлагање по наредбата на јавниот обвинител и времено да ги упати службениците од став (1) на овој член, на работа во јавното обвинителство.
(3) Доделените службеници работат под контрола и надзор на јавниот обвинител, ги почитуваат и извршуваат неговите наредби, работат согласно неговите насоки и упатства и за својата работа му одговараат на јавниот обвинител.
(4) За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети од работењето на предметниот случај, без изречно одобрение на јавниот обвинител.

Член 19

(1) Јавнообвинителската функција во Јавното обвинителство на Република Македонија ја врши Јавен обвинител на Република Македонија и јавните обвинители во тоа обвинителство.
(2) Јавнообвинителската функција во Вишото јавно обвинителство ја врши главен виш јавен обвинител и виши јавни обвинители во тоа обвинителство.
(3) Јавнообвинителската функција во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја врши главен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и јавни обвинители во тоа обвинителство.
(4) Јавнообвинителската функција во Основното јавно обвинителство ја врши главен основен јавен обвинител и јавни обвинители во тоа обвинителство.
(5) Јавниот обвинител на Република Македонија на барање на главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција може да овласти јавен обвинител во основно јавно обвинителство да презема определени дејствија кои би биле во надлежност на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција заради побрзо и поефикасно извршување на дејствијата.

Член 20

Во случај на укинување на јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители на Република Македонија ќе го распореди јавниот обвинител од тоа јавно обвинителство во друго јавно обвинителство од ист или понизок степен.

Член 21

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија, главниот виш јавен обвинител, главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и главниот основен јавен обвинител ги претставуваат јавните обвинителства, раководат со нивната работа, ги вршат правата и обврските определени со закон и донесуваат годишен распоред за работа на почетокот на секоја календарска година.
(2) Јавниот обвинител на Република Македонија, главниот виш јавен обвинител, главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и главниот основен јавен обвинител за време на нивно отсуство ги заменува јавен обвинител, од тоа обвинителство, што тие ќе го определат со годишниот распоред за работа.

(3)Ако на главниот јавен обвинител на јавното обвинителство му е истечен мандатот или му престанала функцијата, Советот на јавни обвинители на Република Македонија со одлука и по претходна согласност на Јавен обвинител на Република Македонија определува јавен обвинител од редот на јавните обвинители кој ќе ја врши должноста до изборот на јавен обвинител во тоа јавно обвинителство, но не повеќе од шест месеци.

(4) Ако на Јавниот обвинител на Република Македонија му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Македонија.

Член 22

(1) Поради зголемен обем на работа или поради намалување на заостаток од нерешени предмети Јавниот обвинител на Република Македонија, може времено да упати јавен обвинител во друго јавно обвинителство најмногу до шест месеци.
(2) Против одлуката од ставот (1) на овој член, јавниот обвинител кој е упатен, во рок од три дена има право на приговор до Советот на јавни обвинители на Република Македонија
(3) Советот на јавни обвинители на Република Македонија е должен да одлучи по приговорот од ставот (2) на овој член во рок од три дена. Одлуката на Советот на јавни обвинители на Република Македонија е конечна.

Член 23

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство и за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија.
(2) Јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија за својата работа одговараат пред Јавниот обвинител на Република Македонија.
(3) Главниот виш јавен обвинител за својата работа одговара пред Јавниот обвинител на Република Македонија, а јавните обвинители во вишо јавно обвинителство за својата работа одговараат пред главниот виш јавен обвинител.
(4) Главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција за својата работа одговара пред Јавниот обвинител на Република Македонија, а јавните обвинители во јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за својата работа одговараат пред главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција.
(5) Главниот основен јавен обвинител за својата работа одговара пред главниот виш јавен обвинител и Јавниот обвинител на Република Македонија, а јавните обвинители во основно јавно обвинителство за својата работа одговараат пред главниот основен јавен обвинител.
(6) Јавните обвинители од ставовите (2) до (5) на овој член се одговорни пред Советот на јавни обвинители на Република Македонија за нестручно или несовесно вршење на функцијата и сторена дисциплинска повреда.

Член 24

(1) Повисокото јавно обвинителство врши надзор над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција на пониските јавни обвинителства.
(2) Надзор над законитото и навременото извршување на јавнообвинителската функција на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција врши Јавното обвинителство на Република Македонија.
(3) Начинот на вршење на надзорот од ставот (1) на овој член се утврдува со Правилник кој го донесува Јавниот обвинител на Република Македонија.

3 ОЦЕНУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

Член 25

(1) Оценувањето на работата на јавните обвинители се врши за период од две извештајни години.
(2) Доколку јавниот обвинител бил отсутен повеќе од 2/3 од времето за кое треба да биде оценет, нема да се оценува за тој период. Периодот на оценување започнува да тече од почеток по враќањето на работа на јавниот обвинител.
(3) Оценка на работата на јавните обвинители во Јавното обвинителство во Република Македонија дава Јавниот обвинител на Република Македонија.
(4) Оценка на работата на главните виши јавни обвинители дава Јавниот обвинител на Република Македонија.
(5) Оценка на работата на јавните обвинители во вишите јавни обвинителства дава главниот виш јавен обвинител на тоа обвинителство.
(6) Оценка за работата на главниот јавен обвинител на Jавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дава Јавниот обвинител на Република Македонија.
(7) Оценка за работата на јавните обвинители во Jавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дава главниот јавен обвинител на Jавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
(8) Оценка за работата на главниот основен јавен обвинител дава главниот виш јавен обвинител од тоа подрачје.
(9) Оценка за работата на јавните обвинители во основните јавни обвинителства дава главниот основен јавен обвинител на тоа обвинителство.
(10) При формирањето на оценката секогаш ќе се има предвид мислењето на раководителот на одделението во јавните обвинителства каде се тие формирани.

Член 26

Критериуми за оцена на работа на јавните обвинители се:

стручност и професионалност во вршењето на функцијата
ажурност и ефикасност
непристрасност и совесност
углед и етичност достојни за функцијата
комуникативност и соработка
континуирана едукација и лично научно усовршување
организаторски способности

Член 27

Стручност и професионалност во вршење на јавнообвинителската функција значи правилна примена на Уставот и законите на Република Македонија, ратификуваните меѓународни договори и други прописи, правилен однос кон донесувањето и изготвувањето на јавнообвинителските одлуки, нивното застапување пред надлежните судови, некоментирање предмети во јавност и чување како тајна она што јавниот обвинител го дознава во вршењето на функцијата.

Член 28

Ажурност и ефикасност во работењето значи во законски утврдени рокови постапување и одлучување по кривични пријави, активно учество во истрагата особено во посложени предмети и предмети во кои е определена мерка притвор, навремено донесување на одлуки по завршена истрага, редовно и активно учество на главните претреси, седници и запазување на законските рокови за поднесување на редовни и вонредни правни средства.

Член 29

Непристрасност и совесност значи неселективен пристап во примена на прописите независно од пол, раса, национално и социјално потекло, лични определби, политичко и верско определување, имотна и општествена положба, како и личен интегритет неподлежен на било каков вид влијание и притисоци кои би можеле да влијаат на решавање на предметот и одбивање подароци и донации од оние кои би можеле да влијаат на решавање на предметот или одржување односи на соработка со такви лица.

Член 30

Углед и етичност достојни за функцијата, значи достоинственост и авторитет во средината каде јавниот обвинител работи и живее и придржување кон кодексот на јавнообвинителска етика.

Член 31

Способност за комуникација и соработка значи професионален, прецизен и достоинствен однос кон учесниците во постапката, во односите во јавното обвинителство и односите со сите останати органи и организации со кои, согласно законите јавниот обвинител е овластен да комуницира и соработува и да го поддржуваат стручното усовршување и професионалното напредување на колегите.

Член 32

Континуирана едукација и лично и научно усовршување значи учество на стручни семинари и работилници во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и други организации и асоцијации, учество како едукатор, ментор, предавач, во активностите на ЗЈОРМ,и лично ангажирање за надградба на сопствениот стручен и интелектуален капацитет,објавување на научни трудови и слично.

Член 33

Организаторски способности значи поседување способности за раководење со јавното обвинителство или одделенијата во јавното обвинителство и креирање на односи за успешно и ефикасно извршување и усовршување на целокупната работа во јавното обвинителство.

4. НАЧИН И ПОСТАПКА НА ОЦЕНУВАЊЕ

Член 34

(1) Оценувањето на работата на јавните обвинители се врши со непосреден увид во предметното постапување, во професионалното досие за секој обвинител и преку непосреден разговор со јавниот обвинител кој се оценува.
(2) За секој јавен обвинител во јавното обвинителство во кое е избран се формира професионално досие заради евидентирање на податоци потребни за оценување на јавниот обвинител.

Член 35

(1) Јавниот обвинител оценката ја формира врз основа на податоците за следењето на работата и податоците од професионалното досие на јавниот обвинител, при што најпрво се одредуваат бодовите по поединечните критериуми, а потоа врз основа на збирот на бодовите се носи одлука за оцена која мора да биде во пишана форма и образложена.
(2) Составен дел на одлуката за оцена е и образец во кој се содржани критериумите по кои е постапувано.
(3) Формата и содржината на образецот од ставот (2) на овој член ја определува Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Член 36

Со непосреден увид во предметното работење на јавните обвинители се утврдува:

-бројот на примени кривични пријави, предмети и поднесоци,
-бројот на решени кривични пријави и предмети во со закон предвиден рок,
-бројот на нерешени кривични пријави и предмети и причините за нивно нерешавање,
-квалитет на јавно обвинителските одлуки, придржување кон законските формулации, способност за писмено изразување и јасно и прецизно образложение на одлуките.

Член 37

Организаторската способност на јавните обвинители на јавните обвинителства, односно на раководителите на одделенијата во јавните обвинителства, како и нивната способност за градење углед и авторитет на јавното обвинителство и способност за воспоставување и одржување на коректни и здрави односи во истото, се утврдува со увид во уписниците од административно управен карактер, со непосредно извршен разговор со јавниот обвинител односно раководителот на одделението, увид во извештаите од извршените контроли и надзори над работењето на јавното обвинителство со кое раководи, како и годишните извештаи за ефикасноста во извршувањето на јавнообвинителската функција.

Член 38

Стручност и професионалност (најмногу 80 бодови)

(1) Бодови по овој критериум се даваат врз основа на професионалното досие со преглед во
А. правилна примена на Уставот, законите, ратификуваните меѓународните договори и други прописи
до 15 бодови
Б. правилно донесување и изготвување на јавнообвинителски одлуки и други писмена и правилна примена на правната терминологија
до 15 бодови

В. застапување пред надлежните судови,
за постигнат просек на ниво на јавно обвинителство до +/- 5%
10 бодови
до 25% под просекот 8 бодови
до 50% под просекот 5 бодови
до 25% над просекот 12 бодови
до 50% над просекот15 бодови

(2) Ако бројот на застапувањаво во одредено обвинителство е под утврдениот просек, а јавниот обвинител присуствувал на сите главни претреси, се дава 10 бодови.

Г. Осудителни одлуки
за постигнат просек на ниво на јавно обвинителство до +/- 5%
10 бодови
до 25% под просекот 8 бодови
до 50% под просекот 5 бодови
до 25% над просекот 12 бодови
до 50% над просекот 15 бодови

(3) Ако бројот на осудителните одлуки во одредено обвинителство е под утврдениот просек, а во предметите по кои јавниот обвинител постапувал се донесени повеќе од 90% осудителни пресуди, се дава 10 бодови.

Д. Број на уважени редовни и вонредни правни средства
за постигнат просек на ниво на јавно обвинителство до +/- 5% 10 бодови
-до 25% под просекот 8 бодови
-до 50% под просекот 5 бодови
-до 25% над просекот 12 бодови
-до 50% над просекот 15 бодови

(4) Ако бројот на уважените правни средства во одредено обвинителство е под утврдениот просек, а во предметите по кои јавниот обвинител постапувал се уважени повеќе од 75% од изјавените правни средства, се дава 10 бодови.
(5)Точката Д од овој член ќе важи за јавните обвинители во Вишите јавни обвинителства, врз основа на уважени предлози во второстепена постапка.

Ѓ. Некоментирање предмети во јавност и чување како тајна она што го дознал во вршење на службата
до 5 бодови

Член 39

Ажурност и ефикасност (најмногу 60 бодови)
А. број на предмети (кривични пријави, истраги/оид, предмети од уписник РО и КОН, изјавени жалби и други правни средства, мислења и др.)
- за постигнат просек на ниво на јавно обвинителство до +/- 5% 10 бодови
- до 25% под просекот 8 бодови
- до 50% под просекот 5 бодови
- до 25% над просекот 12 бодови
- до 50% над просекот 15 бодови

Ако јавниот обвинител нема нерешени кривични пријави, а работните резултати на јавното обвинителство во кое постапува се за повеќе од 30 % под просекот, се даваат 10 бодови.

Б. во законски утврдени рокови постапување и одлучување по кривични пријави и предмети и запазување на законски рокови за поднесување на редовни и вонредни правни лекови
до 10 бодови

В. активно учество во предистражна постапка и истрага до 10 бодови

Г. редовно и активно учество на главните претреси и седници
до 10 бодови

Д. за јавни обвнители кои работат на посложени предмети
до 15 бодови

Член 40

Непристрасност и совесност (најмногу 10 бодови)

неселективен пристап во примена на прописите независно од пол, раса, национално и социјално потекло, политичко и верско определување, имотна и општествена положба.
до 4 бодови
неподлежност на надворешни влијанија и притисоци при јавнообвинителско постапување
до 3 бодови
одбивање подароци и донации
до 3 бодови

Член 41

Углед и етичност (најмногу 10 бодови)

достоинственост, углед и авторитет во средината каде јавниот обвинител работи и живее
до 5 бодови
придржување кон Кодексот на јавнообвинителска етика
до 5 бодови

Член 42

Комуникативност и соработка (најмногу 10 бодови)

професионален, прецизен и достоинствен однос кон учесниците во постапката и во односите во јавното обвинителство
до 6 бодови
односите со останати органи и организации
до 2 бодови
поддржување на стручното усовршување и професионалното напредување на колегите
до 2 бодови

Член 43

Континуирана едукација и лично научно усовршување (најмногу 5 бодови)

-исполнување на пропишан број денови за обука
до 2 бодови
-учество како едукатор, ментор, предавач, објавување на научни трудови, активности во Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и други организации кои можат да придонесат за унапредување на јавноовинителската функција
до 3 бодови

Член 44

Организациски способности (5 бодови)

-поседување на способности за раководење и креирање односи за успешно и ефикасно извршување на работата во јавното обвинителство
до 3 бодови
-координирање во постапувањето со други органи
до 2 бодови

Член 45

Оцената на работа на Основните јавни обвинители и јавните обвинители во Основните јавни обвинителства може да биде изразена како негативна и позитивна.

Негативна од 0-60
Позитивна од 61-180 која можеда биде изразена како:

Задоволителна од 61-90
Добра од 91-130
Многу добра 131-160
Особено се истакнува 161-180

Член 46

(1) Критериумите од член 38 точка Г и член 39 точка В нема да се земат во предвид при оценување на јавните обвинители во Вишите јавни обвинителства и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија

(2) Оцената на работа на главните виши јавни обвинители, јавните обвинители во Вишите јавни обвинителства и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија може да биде изразена како негативна и позитивна.

Негативна од 0-50
Позитивна од 51-155 која може да биде изразена како

Задоволителна од 51-70
Добра од 71-110
Многу добра 111-140
Особено се истакнува 141-155

5. ПОСТАПКА ЗА ПОВТОРНО ОЦЕНУВАЊЕ

Член 47

Примерок од одлуката за оценка на работата на јавниот обвинител се доставува до Советот на јавните обвинители и до јавниот обвинител за кого се однесува оценката.

Член 48

(1) Доколку јавниот обвинител е незадоволен од оценката што ја добил, може да поднесе писмен приговор до Советот на јавните обвинители.
(2) Приговорот се поднесува во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката.

Член 49

(1) Советот на јавните обвинители во рок од 15 дена од денот на приемот на приговорот е должен да донесе одлука по истиот.
(2) Пред да одлучи Советот на јавни обвинители може да изврши увид во работата на јавниот обвинител кој го поднел приговорот, да изврши разговор со него или со јавниот обвинител кој ја дал оценката.
(3) Доколку Советот на јавните обвинители оцени дека приговорот е основан, со одлуката ќе го задолжи јавниот обвинител што ја спровел постапката за оценување, да спроведе повторно оценување при што ќе му даде даде конкретни упатства по кои мора да постапи.
(4) На повторно дадената оценка, незадоволниот јавен обвинител има право на приговор.
(5) По вториот приговор Советот донесува одлука со која го оценува јавниот обвинител.
(6) Одлуката на Советот е конечна.
(7) Одлуката по изјавениот приговор не може да биде понеповолна од првично дадената оценка.

6. ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТА

Член 50

(1) Секое јавно обвинителство изготвува годишен извештај за својата работа.
(2) Пониското јавно обвинителство извештајот од ставот (1) на овој член го доставува до непосредно повисокото јавно обвинителство.
(3) Јавното обвинителство на Република Македонија, изготвува единствен годишен извештај за работата на сите јавни обвинителства.

Член 51

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија годишниот извештај од членот 50 став (3) на овој закон за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот во Република Македонија го поднесува до Собранието на Република Македонија
(2) Извештајот од ставот (1) на овој член Јавниот обвинител на Република Македонија го доставува на разгледување и до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, а за запознавање го доставува и до Владата на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија и Министерството за правда.

7. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ УПАТСТВА

Член 52

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија има право да им дава задолжителни општи писмени упатства на главниот виш јавен обвинител, на главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и на главниот основен јавен обвинител.
(2) Главниот виш јавен обвинител има право да дава задолжителни општи писмени упатства на главните основни јавни обвинители од своето подрачје.
(3) Упатствата од ставовите (1) и (2) на овој член се однесуваат на преземање на одредени мерки и активности заради заштита на основните права и слободи на човекот и граѓанинот, заштита на интересите на државата и на другите правни субјекти, за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, вложување на правни средства и примена на законите.
(4) Главниот виш јавен обвинител, главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и главниот основен јавен обвинител се должни да ги извршуваат задолжителните упатства.
(5) За давањето на задолжителните општи писмени упатства од ставот (2) на овој член, главниот виш јавен обвинител е должен писмено да го извести Јавниот обвинител на Република Македонија.

8. ПРЕЗЕМАЊЕ НА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ

Член 53

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија може со писмена одлука да го превземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен виш јавен обвинител, јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција или основен јавен обвинител или да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат определени работи од надлежност на друг виш јавен обвинител, јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција или основен јавен обвинител.
(2) Главниот виш јавен обвинител со писмена одлука, а со писмена согласност на Јавниот обвинител на Република Македонија може да го превземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен јавен обвинител во основно јавно обвинителство од поддрачјето на тоа вишо јавно обвинителство или да овласти јавен обвинител во основно јавно обвинителство од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на друг основен јавен обвинител.

9. ДЕЖУРСТВА

Член 54

(1) Заради непрекинато извршување на функцијата, во јавното обвинителство се организираат дежурства на јавните обвинители.
(2) Распоредот и времетраењето на дежурствата го определува главниот јавен обвинител на соодветното јавно обвинителство.
(3) Правилник за прописите за внатрешно работење на јавните обвинителства и Правилник за висината на надоместокот за дежурства донесува Јавниот обвинител на Република Македонија

10. НАДЛЕЖНОСТ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Член 55

(1) Јавното обвинителство постапува во границите на својата стварна и месна надлежност, ако со закон поинаку не е определено.
(2) Основното јавно обвинителство постапува пред основен суд.
(3) Вишото јавно обвинителство постапува пред апелационен суд.
(4) Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува пред надлежните судови во прв и втор степен.
(5) Јавното обвинителство на Република Македонија постапува пред Врховниот суд на Република Македонија.
(6) Јавното обвинителство постапува и пред други органи и други правни лица на своето подрачје кога за тоа е овластено со закон.
Член 56

(1) Во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавниот обвинител:
-ја раководи предистражната постапка и на располагање ги има службените лица од правосудната полиција;
-дава предлог до судијата на претходна постапка за примена на посебни истражни мерки од точка 1 до точка 5 од членот 252 од ЗКП;
-издава наредби за примена на посебни истражни мерки од точка 6 до точка 12 од членот 252 од ЗКП;
-може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на
кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа,
- врши увид во банкарски сметки. Увидот во банкарските сметки од страна на обвинителот не претставува повреда на банкарска тајна
-донесува наредба и спроведува истражна постапка;
-дава наредба за спроведување на вештачење;
-одлучува за одлагање на кривично гонење под услови и начин определени со закон;
-предлага издавање на казнен налог под услови определени со закон;
-преговара и се спогодува со обвинетиот за признавање на вина на начин и услови определени со закон;
-поднесува и застапува обвиненија пред судовите;
-поднесува жалби против неправосилни судски одлуки и вонредни правни лекови против правосилни судски одлуки;
-одлучува по жалби на оштетениот под услови утврдени со закон;
-врши и други дејствија определени со закон за ефикасно функционирање на кривичноправниот систем и спречување на криминалот.
-спроведува постапка за порамнување согласно Законот за прекршоци
(2) Јавниот обвинител поведува посебни постапки и учествува во нив кога тоа е пропишано со закон.

Член 57

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е надлежно да постапува:
- за кривични дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, која постои одреден временски период и дејствува со цел да изврши едно или повеќе кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години, со намера директно или индиректно да стекне финансиска или друга корист,
- за кривични дела – Неовластено примање подароци од член 253, Неовластено давање на подароци од член 253-а, Злоупореба на службената положба и овластување од член 353, Проневера во службата од член 354, Примање поткуп од член 357, Давање поткуп од член 378, Давање награда за противзаконито влијание од член 358-а, Примање награда за противзакониот влијание од член 359, Противправно стекнувањае и прикривање имот од член 359-а, кога сторител на овие кривични дела е претседателот на Република Македонија, поставените амбасадори и други претставници од Република Македонија во странство и именувани лица од претседателот на Република Македонија, избрани или именувани функционери во и од Собранието на Република Македонија, избрани и именувани функционери од Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите, Јавното обвинителство, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на Јавните обвинители на Република Македонија и градоначалниците во единиците на локалната самоуправа,
- за кривично дело Незаконито влијание врз сведоци од член 368-а од Кривичниот законик, доколку делото е сторено во кривична постапка за кривични дела од надлежност на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција,
- Злосторничко здружување од член 394 од Кривичниот законик за вршење на кривични дела од надлежност на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција,
- Терористичка организација од член 394-а од Кривичниот законик, Тероризам од член 394-б од Кривичниот законик, Финансирање на тероризам од член 394-в од Кривичниот законик и сите кривични дела од глава 28 од Кривичниот законик, сите кривични дела од глава 34 од Кривичниот законик, независно од бројот на сторителите освен кривичните дела Трговија со луѓе од член 418-а Кривичниот законик, Криумчарење мигранти од член 418-б и Трговија со малолетно лице од член 418-г од Кривичниот законик кога не се работи за организирана група и другите кривични дела против човечноста и меѓународното право од Кривичниот законик,
- За кривично дело Убиство од чл.123 од Кривичниот законик извршено во вршење на службата од страна на овластени лица од Министерството за внатрешни работи и други државни органи што имаат овластување врз основа на закон да носат оружје,
- за кривично дело Неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од чл.42 од Закон за заштита на сведоци

Член 58

(1) Јавното обвинителство се грижи за законитоста на мерките и дејствијата преземени во предистражната постапка и врши надзор над почитувањето на човековите права од страна на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и други државни органи.
(2) Во случај кога до јавниот обвинител допре глас дека од страна на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и други државни органи се пречекорени службените овластувања и се повредени слободите и правата на граѓаните има право да бара веднаш да му се достават податоци за тоа дали е покрената постапка за утврдување одговорност против овие лица, како и за текот, односно резултатот од спроведената постапка.
(3) Надлежниот јавен обвинител по службена должност го добива извештајот од надлежната служба во Министерството за внатрешни работи за утврдување на оправданоста од употреба на огнено оружје од страна на полициските службеници и службеници на други државни органи што имаат овластувања врз основа на закон, чија употреба има последица смрт или тешка телесна повреда. Јавниот обвинител остварува увид во сите докази и списи врз основа на кои е донесена оцената за оправданост од употреба на огнено оружје од надлежната служба.
(4) За случаите од ставовите (2) и (3) на овој член, надлежниот јавен обвинител го известува непосредно повисокиот јавен обвинител.

11. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

Член 59

Јавното обвинителство на Република Македонија во рамките на меѓународните договори и согласно законот за меѓународна правна помош во кривична материја остварува непосредна соработка со јавни обвинителства и други надлежни органи од другите држави, особено на планот на спречување и гонење на организираниот криминал и други тешки форми на криминал преку непосредна размена на податоци, непосредна соработка, едукација, специјализација на кадри и други форми на соработка.

12. ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОЦЕНА НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА

Член 60

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија пред Уставниот суд на Република Македонија поднесува иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот и за согласноста на други прописи со Уставот и законите, ако прашањето за уставноста и законитоста се постави во работата на јавното обвинителство.
(2) Основните јавни обвинителства, јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и вишите јавни обвинителства го известуваат Јавното обвинителство на Република Македонија за прашања на уставноста и законитоста во нивната работа.

13. НАДЛЕЖНОСТИ ВО ДРУГИ ПОСТАПКИ

Член 61

Во другите судски постапки, како и во управната постапка, јавниот обвинител презема правни дејствија за кои е овластен со закон.

14. ПОСТАПУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ

Член 62

(1) Јавниот обвинител е должен во најкраток можен рок, а не подолго од 30 дена од денот на приемот на кривичната пријава да преземе дејствие за кое е овластен со закон
(2) За кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција овој рок не може да биде подолг од 60 дена
(3) Јавниот обвинител е должен најдоцна во рок од 3 месеци од денот на приемот на кривичната пријава да донесе мериторна одлука, освен во предметите кога се применуваат посебни истражни мерки. Рокот за постапување по предметите во кои се применуваат посебни истражни мерки започнува да тече одденоот когакепрестане примената на мерката.
(4) Јавниот обвинител е должен во рок од 6 месеци од денот на донесувањето на наредбата за спроведување на истрагата, да ја заврши истражната постапка. Во сложени предмети, овој рок може да биде продолжен од страна на вишиот јавен обвинител за уште 6 месеци.По исклучок овој рок може да биде продолжен за уште 3 месеци од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија, а за кривични дела од надлежност на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција овој рок може да биде продолжен за уште 6 месеци од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија.
(5) По завршување на истражна постапка и по протекот на законскиот рок за преземање на истражните дејствија на одбраната, јавниот обвинител е должен во рок од 15 дена да поднесе обвинение или истражната постапка да ја запре.
(6) За кривични дела од надлежност на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција овој рок може да трае до 30 дена.

15. ИМЕНУВАЊЕ И ИЗБОР НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

Член 63

1) За основен јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано лице кое завршило Академија за судии и обвинители

Доколку на објавениот оглас не се јави кандидат со завршена Академија за судии и јавни обвинители на РМ избор може да се изврши од редот на јавнообвинителските,судските службеници и адвокати – дипломиран правник на правни студии или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем(ЕКТС) и положен правосуден испит со непрекинат работен стаж од најмалку 3 години по положување на правосудниот испит во јавното обвинителсво, во судовите или во адвокатурата во моментот на објавување на огласот.

Член 64

Посебни услови за избор на Јавен обвинител на Република Македонија, за јавен обвинител во јавно обвинителство на Република Македонија, за главен виш јавен обвинител, за јавен обвинител во вишо јавно обвинителство, главен јавен обвинител во јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, јавен обвинител во јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, главен основен јавен обвинител и јавен обвинител во основно јавно обвинителство се:

- За Јавен обвинител на Република Македонија може да биде именуван јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со висока оценка во последните четири години.

- За јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија може да биде избран јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавен обвинител во вишо јавно обвинителство или во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со оценка особено се истакнува во последните четири години.

– За главен виш јавен обвинител може да биде избран јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж како јавен обвинител во вишото јавно обвинителство од најмалку пет години до моментот на пријавување за именување, како и јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кој е оценет со оценка особено се истакнува во последните четири години

- За јавен обвинител во вишо јавно обвинителство може да биде избран јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж како јавен обвинител во основно јавно обвинителство од најмалку четири години до моментот на пријавување за именување, како и јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кој е оценет со оценка особено се истакнува во последните четири години

- За главен јавен обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција може да биде избран јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж од најмалку пет години како јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до моментот на пријавување за именување, како и јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија и Главен виш јавен обвинител кои имаат работен стаж во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и кој е оценет со оценка особено се истакнува во последните четири години

-За јавен обвинител во јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција може да биде избран јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж од најмалку четири години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со оценка особено се истакнува во последните четири години.

- За главен основен јавен обвинител може да биде избран јавен обвинител кој има непрекинат работен стаж од најмалку четири години стаж како јавен обвинител во основното јавно обвинителство до моментот на пријавување за именување, како и јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, јавен обвинител во вишото јавно обвинителство и јавен обвинител во јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и кој е оценет со оценка особено се истакнува во последните четири години

Член 65

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.
(2) Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители на Република Македонија без ограничување на траење на мандатот под услови и во постапка утврдени со закон.
(3) Советот на јавни обвинители на Република Македонија дава мислење по предлогот на Владата на Република Македонија за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Член 66

(1) Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија го огласува именувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, најдоцна два месеца пред истекот на мандатот или веднаш по упразнувањето на местото. Јавниот обвинител на Република Македонија е должен да ја извести Владата на Република Македонија за истекот на мандатот најдоцна во рок од три месеци пред истекот на истиот
(2) Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.
(3) Советот на јавни обвинители на Република Македонија, на барање на Владата на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата на Република Македонија доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон.
(4) Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија доставува предлог за именување на јавен обвинител на Република Македонија од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за Јавен обвинител на Република Македонија, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот.
(5) Ако Советот на јавни обвинители на Република Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Македонија, рокот од ставот (3) на овој член се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
(6) Ако Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати или од пријавените кандидати, Владата на Република Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител на Република Македонија, може да му предложи на Собранието да го повтори огласот од ставот (1) на овој член.

Член 67

(1) Главен виш јавен обвинител, главен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и главен основен јавен обвинител избира Советот на јавни обвинители на Република Македонија за време од четири години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.
(2) Јавните обвинители во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги избира Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на избраните јавни обвинители по предходно позитивно мислење од Јавниот обвинител на Република Македонија за време од четири години со право на повторен избор.
(3) Постапката за избор на главен виш јавен обвинител, главен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и главен основен јавен обвинител започнува три месеци пред истекот на мандатот за кој се именувани.
(4) Советот на јавни обвинители на Република Македонија со одлука го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства и ја спроведува постапката за избор и разрешување на јавните обвинители.

Член 68

(1) При изборот на јавен обвинител не смее да се врши дискриминација во однос на полот, лични определби, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествена положба.
(2) При изборот на јавен обвинител, без да се нарушат критериумите утврдени со закон, ќе се применува начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.

Член 69

(1) За јавен обвинител не може да биде избрано лице кое со јавен обвинител од тоа обвинителство е во сродство во права линија или во странична линија до четврти степен или е негов брачен другар, како и до втор степен по сватовска линија.
(2) За јавен обвинител не може да биде избрано лице кое со член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до четврти степен или е негов брачен другар, како и до втор степен по сватовска линија.

Член70

Јавниот обвинител на Република Македонија, главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, главниот виш јавен обвинител и главниот основен јавен обвинител кои нема да бидат повторно именувани, односно избрани продолжуваат да ја вршат функцијата на јавен обвинител во истото јавното обвинителство, со исклучок на член 74 ставот (2).

Член 71

(1) Јавниот обвинител пред стапувањето на должност јавен обвинител дава свечена изјава, која гласи:
“Изјавувам и се колнам дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, дека функцијата ќе ја вршам совесно, непристрасно и одговорно и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот и интересите на другите правни субјекти”.
(2) Кога дава свечена изјава јавниот обвинител носи тога.
(3) Јавниот обвинител на Република Македонија свечената изјава ја дава пред претседателот на Собранието на Република Македонија, а јавните обвинители свечената изјава ја даваат поединечно пред Советот на јавните обвинители на Република Македонија.
(4) Свечената изјава се дава на македонски јазик и се потпишува на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.
(5) При избор на јавен обвинител во јавно обвинителство основано за подрачје на два или повеќе суда од кои барем еден суд е со седиште на подрачјето на единиците на локалната самоуправа во кои покрај македонскиот јазик друг службен јазик е јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои живеат на подрачјето на тие единици на локалната самоуправа, јавниот обвинител припадник на таа заедница,свечената изјава ја дава на македонски јазик, а ја потпишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на таа заедница.
(6) Примерок од свечената изјава му се предава на именуваниот,односно избраниот јавен обвинител.

16. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

Член 72

(1) Јавен обвинител не може да биде притворен ниту повикан на кривична одговорност за преземено дејствие, искажано мислење и донесување на одлука во вршењето на функцијата јавен обвинител.
(2) Јавен обвинител не може да биде притворен без одобрување на Советот на Јавните обвинители на Република Македонија освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку 5 години.
(3) Против јавен обвинител не може да се води постапка за надоместок на штета или друга постапка од страна на учесник во постапката кој е незадоволен од одлуката на јавниот обвинител.
(4) За штета што јавниот обвинител во вршењето на функцијата ќе им ја причини на граѓани или на правни лица со незаконита работа, одговорна е Република Македонија.
(5) Кога штетата од ставот (4) на овој член е сторена со свесна повреда на законот, поради која се поведува постапка за разрешување, Република Македонија по пат на тужба може да бара од јавниот обвинител враќање на износот на исплатената штета од ставот (4) на овој член во висина што ќе ја утврди судот согласно начелото на правичност.
(6) Кога заради сторената штета од ставот (4) на овој член јавниот обвинител е разрешен, Република Македонија по пат на тужба ќе бара од разрешениот јавен обвинител враќање на износот на исплатената штета од ставот (4) на овој член, во висина што ќе ја утврди судот, согласно со закон.
(7) По разрешувањето на јавен обвинител кој има причинето штета на граѓани или на правни лица со незаконита работа, Советот на јавни обвинители на Република Македонија во рок од осум дена од правосилноста на одлуката за разрешување го известува Државното правобранителство заради преземање на мерките од ставот (6) на овој член, во рамките на неговите надлежности утврдени со закон.

Член 73

(1) Јавниот обвинител може да биде едукатор или да држи предавања на Академијата за судии и јавни обвинители, да изведува настава на високообразовните институции од јавнообвинителската област и да учествува во научни и стручни проекти од таа област.
(2) Јавен обвинител може да изведува настава на високо образовните институции од јавнообвинителската област и да учествува во научни истручни проекти од таа област.
(3) Јавниот обвинител на Република Македонија донесува правилник за начинот на вршење на работите од ставовите (1) и (2 ) од овој член

Член 74

(1) На јавен обвинител именуван или избран за член на Советот на јавни обвинители или за судија или обвинител во меѓународна правосудна институција, во меѓународни владини институции, судија на Уставниот суд на Република Македонија или директор на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија, функцијата јавен обвинител му мирува за време на вршење на должноста за која е именуван или избран.
(2) Кога јавен обвинител од повисоко јавно обвинителство е избран како главен обвинител на пониско обвинителство, функцијата јавен обвинител му мирува во повисокото обвинителство за време на вршење на должноста за која е избран.
(3) Решение за мирување на функцијата јавен обвинител од ставот (1) на овој член донесува Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
(4) По истекот на мандатот од ставот (1) на овој член за кој е именуван или избран, јавниот обвинител има право да се врати во јавното обвинителство од кое бил избран на вршење на другата должност.

Член 75

(1) Годишниот одмор на јавните обвинители трае 26 работни дена.
(2) Јавниот обвинител ги ужива сите права од работен однос што му припаѓаат според закон.

Член 76

(1) Висината на платата на јавниот обвинител се уредува со закон.
(2) Платата на јавниот обвинител во време на траење на функцијата јавен обвинител не смее да се намали, освен во случаи определени со закон.

Член 77

(1) Кога јавниот обвинител, по потреба на службата, времено е упатен функцијата јавен обвинител да ја врши надвор од местото на живеење, има право на надоместок за зголемени трошоци за неговото домување или надоместок на трошоци за превоз.
(2) Кога јавен обвинител е избран од повисоко обвинителство во пониско обвинителство ја прима платата од повисокото обвинителство.
(3) Јавниот обвинител има право на надоместок за селидбени трошоци во случај од ставот (1) на овој член за него или за неговото семејство во случаите кога е избран или распореден во друго обвинителство.
(4) Висината и начинот на исплатата на надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член се утврдуваат со закон.

Член 78

(1) Јавниот обвинител кој нема сопствен стан во седиштето на јавното обвинителство има право на користење на соодветен службен стан.
(2) До остварувањето на правото од ставот (1) на овој член, јавниот обвинител има право на надоместок за зголемени трошоци за неговото домување или на надоместок на реални патни трошоци.

Член79

(1) Јавниот обвинител има право и обврска на постојано стручно усовршување, за времетраење на функцијата во согласност со закон.
(2) Од средствата за работа на јавните обвинителства задолжително се издвојуваат средства за стручно усовршување на јавните обвинители.
(3) Заради поуспешно вршење на функцијата може да се врши специјализација на јавните обвинители.

Член 80

(1) Јавниот обвинител има легитимација која ја издава и одзема Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
(2) Советот на јавни обвинители на Република Македонија со акт ги пропишува формата и содржината на образецот на легитимацијата, начинот на нејзиното издавање и одземање.

Член 81

(1) Посебни права на јавниот обвинител во вршењето на функцијата се:
- да може да влегува и да има слободен премин на станиците, аеродромите, пристаништата, само со покажување на легитимација,
- да има право на дозвола за носење на оружје и набавка на соодветна муниција,
- да има посебна заштита за неговата личност, за семејството и имотот,по барање на претпоставениот јавен обвинител до полицијата во местото на живеење секогаш кога постојат сериозни причини за неговата безбедност и
- да има службена патна исправа.
(2) За посебните права од ставот (1) алинеи 1, 2 и 3 на овој член правилник донесува Јавниот обвинител на Република Македонија

Член 82

Јавните обвинители можат да основаат непрофитни здруженија, заради остварување и заштита на своите интереси и унапредување на професионалниот статус.

Член 83

(1) Јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор.
(2) Јавниот обвинител може да биде оддалечен од вршењето на функцијата за време додека трае кривична постапка против него или кога е поведена дисциплинска постапка.
(3) Oдлука за оддалечување на јавниот обвинител од функцијата во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член донесува Јавниот обвинител на Република Македонија.
(4) Против одлуката од ставот (3) на овој член јавниот обвинител има право на жалба до Советот на јавни обвинители на Република Македонија во рок од три дена од приемот на одлуката.
(5) Советот на јавни обвинители по жалбата одлучува во рок од 8 дена и таа одлука е конечна.

Член 84

(1) Јавниот обвинител е должен да го чува угледот на функцијата што ја врши.
(2) Јавните обвинители и вработените во јавнообвинителската стручна служба се должни да го чуваат како тајна тоа што го дознале од странките за нивните правни и фактички односи во рамките на вршењето на службата и гарантираат за тајноста на податоците до кои јавноста нема пристап, а се однесува за податоци од личен карактер кои немааат влијание за вршењето на функцијата.
(3) Јавниот обвинител на Република Македонија, главниот виш јавен обвинител, главниот јавен обвинител на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и главниот основен јавен обвинител може јавен обвинител или вработените во јавнообвинителска стручна служба да ги ослободи од обврската за чување на класифицирана информација со соодветен степен на тајност утврдена согласно со закон.
(4) За ослободување од обврската од ставот (3) на овој член одлука донесува Јавниот обвинител на Република Македонија, а за Јавниот обвинител на Република Македонија, Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Член 85

(1) Функцијата јавен обвинител е неспојлива со функцијата пратеник, член на советот на општина односно на градот Скопје и со функциите во државните органи, општините и градот Скопје.
(2) Јавниот обвинител не може да биде член на управен или надзорен одбор на трговско друштво или друго правно лице кое е основано заради стекнување на добивка.

Член 86

(1) Во врска со вршењето на функцијата ,јавниот обвинител, не смее да прима подароци, ветување за подарок или друга корист како и неговиот брачен другар и другите членови на семејството, роднините и другите лица кои живеат во заедница со јавниот обвинител.

Член 87

Јавниот обвинител пред судовите носи тога, чијшто изглед и начин на носење, со правилник, го пропишува Јавниот обвинител на Република Македонија.

17. ПРЕСТАНОК НА ФУНКЦИЈАТА И РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

Член 88

(1) На Јавниот обвинител на Република Македонија и другите јавни обвинители функцијата им престанува:
- по сопствено барање,
- ако го изгуби државјанството на Република Македонија,
- ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата јавен обвинител,
- ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен исклучоците од член 74 ставот 1,
-ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеца, или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител и
- ако се исполнети условите за старосна пензија
(2) Во случаите од ставот (1) на овој член престанокот на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија го утврдува Собранието на Република Македонија, а престанокот на функцијата на другите јавни обвинители го утврдува Советот на јавни обвинители на Република Македонија

Член 89

(1) Владата на Република Македонија, по претходно мислење од Советот на јавни обвинители на Република Македонија, до Собранието на Република Македонија поднесува предлог за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија.
(2) Јавниот обвинител на Република Македонија се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот:
- поради злоупотреба на положбата и пречекорување на службените овластувања,
- ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата и
- поради нарушување на угледот на функцијата.
(3) Иницијатива за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе и Советот на јавни обвинители на Република Македонија, во која ќе ги наведе причините, околностите и фактите од кои се раководел за поднесување на иницијативата.
(4) Владата на Република Македонија предлогот за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија го доставува до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата на Република Македонија да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма.
(5) На седницата на Советот на јавни обвинители на Република Македонија на која се расправа по предлогот на Владата на Република Македонија за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија не учествува Јавниот обвинител на Република Македонија.
(6) Јавниот обвинител на Република Македонија има право писмено да се произнесе по предлогот од ставот (1) на овој член.
(7) Владата на Република Македонија со предлогот за разрешување задолжително го доставува до Собранието на Република Македонија и мислењето од ставот (4) на овој член.
(8) Ако Советот на јавни обвинители на Република Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Македонија, рокот од ставот (4) на овој член се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Македонија.
(9) Јавниот обвинител на Република Македонија има право да присуствува на седницата на Собранието на Република Македонија и да се произнесе по предлог на Владата на Република Македонија за негово разрешување.

18. ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ

Член 90

(1) Јавниот обвинител во вршење на својата функција може дисциплински да одговара:
- поради дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршењето на функцијата јавен обвинител пропишана со закон и
-поради нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител под услови утврдени со закон.
(2) Во постапките од ставот 1 алинеите 1 и 2 од овој член на јавниот обвинител против кој се води постапка за утврдување одговорност му се гарантираат сите права кои се дел од правото на правично судење, пропишани во Законот за кривичната постапка.
(3) Предлогот за поведување на постапка за утврдување на одговорноста од ставот (1) на овој член се поднесува во рок од три месеци од денот на дознавањето, но не подолго од две години од денот кога повредата е сторена.

19. ДИСЦИПЛИНСКИ ПОВРЕДИ

Член 91

Дисциплински повреди се:
Дисциплинска повреда
Потешка дисциплинска повреда
Нестручно и несовесно вршење на функцијата

Член 92

Дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на јавен обвинител е:
-непристојно и недостојно однесување на јавни места,
- неносење на тога,
-вршење партиски и политички активности или друга јавна функција, работа или дејност која не е спојлива со вршењето на функцијата јавен обвинител
-предизвикување на потешко нарушување на односите во јавното обвинителство кои значително влијаат врз вршењето на функцијата јавен обвинител,
- неоправдано одбивање или неисполнување на едукаторски и менторски задолженија,
- повреда на правата за отсуство од работа,
- неисполнување на должноста за континуирана едукација и
- повредување на етичките норми на кодексот на јавни обвинители со што се нарушува угледот на функцијата јавен обвинител

Член 93

Потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на јавен обвинител се смета:
-потешка повреда на јавниот ред и мир со која се нарушува угледот на јавниот обвинител и јавното обвинителство,
-потешка повреда на правата и непочитување на честа и достоинството на другите учесници во постапката со што се нарушува угледот на функцијата јавен обвинител,
- недостојно однесување кон поединци, државни органи или други правни лица во врска со извршувањето на функцијата или надвор од неа,
- повреда на начелото на недискриминација по кој било основ
- оневозможување на вршење надзор над работата на јавниот обвинител од страна на повисокото јавно обвинителство и
- примање подароци и други погодности во врска со функцијата јавен обвинител

Член 94

(1) Под нестручно и непрофесионално вршење на функцијата јавен обвинител се подразбира:
- погрешна примена на законите и други прописи што предизвикале последица губење на процесните права и овластувања на јавниот обвинител како странка во постапката
- неквалитетно изготвување на јавнообвинителски одлуки и други писмена и
- добивање негативна оценка на две оценувања

2) Под несовесно вршење на функцијата јавен обвинител се подразбира:
- непочитување на пропишаните законски рокови за изготвување на јавнообвинителски одлуки
-неовластено издавање на класифицирани информации
-неовластено изнесување на информации и податоци за обвинителски предмети
-пристрасен однос во постапувањето по предметите,
-неоправдано одбивање или непостапување по упатствата издадени согласно со одредбите на овој закон и
-грубо повредување на нормите на Кодексот на јавнообвинителска етика со што се нарушува угледот на функцијата јавен обвинител,

20. ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТ

Член 95

(1) Постапка за утврдување на одговорност на јавен обвинител може да иницира главниот основен јавен обвинител, главниот виш јавен обвинител, главниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, Јавниот обвинител на Република Македонија и член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност
(2)Иницијативата за утврдување на одговорност се доставува до јавниот обвинител против кој е поднесена, кој во рок од 8 дена од приемот на иницијативата може да достави одговор до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност
(3) Постапката за утврдување на одговорност на јавниот обвинител во вршење на јавнообвинителската функција ја спроведува комисија составена од седум члена, која ја сочинуваат главните виши обвинители или од нив определени јавни обвинители, главниот основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Скопје или од него определен јавен обвинител, јавен обвинител од обвинителството на јавниот обвинител за кого е поднесен предлог, со најдолг работен стаж како јавен обвинител и јавен обвинител определен од Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија. Доколку постапка за одговорност се води против некој од наведените јавни обвинители од овој член, тој не може да учествува во работата на комисијата и на негово место Јавниот обвинител на Република Македонија определува друг јавен обвинител.
(4) Комисијата од редот на членовите бира Претседател за период од две години со право на повторен избор.
(5) Претседателот на комисијата определува тројца членови од редот на членовите на комисијата кои ќе ги истражуваат наводите од предлогот за поведување на постапка за утврдување на одговорност на јавниот обвинител. (истражна комисија)
(6) Комисијата од ставот (5) на овој член е должна во рок од 30 дена да ги испита наводите од предлогот и да достави извештај до претседателот на комисијата кој е должен во рок од 15 дена да закаже седница на која ќе се одлучува по извештајот и ќе донесе одлука, за сите повреди освен за сторена дисциплинска повреда која претставува основ за разрешување на јавниот обвинител.
(7) На одлуката на дисциплинската комисија со која е утврдена дисциплинска повреда јавниот обвинител против кого е поведена постапката има право во рок од 15 дена од приемот на одлуката да вложи жалба до комисијата за жалби во Советот на јавни обвинители на Република Македонија.Одлуката на комисијата во Советот е конечна.
(8) Доколку Комисијата од ставот (3) на овој член утврди дека е сторена дисциплинска повреда како основ за разрешување на јавниот обвинител, дава предлог за разрешување до Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
(9) Предлогот на комисијата од ставот (8) на овој член се доставува и до јавниот обвинител за кого се води постапка за утврдување на одговорност кој во рок од 8 дена од приемот на предлогот има право на одговор до Советот на јавни обвинители на Република Македонија
(10) Советот на јавни обвинители на Република Македонија одлучува по предлогот за разрешување во рок од 15 дена од приемот на одговорот.
(11) Против одлуката на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, јавниот обвинител кој е разрешен може да поведе управен спор
(12) Доколку иницијативата за утврдување на одговорност е поднесена од член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија тој не учествува во постапката по жалба ниту во постапката по предлогот за разрешување на јавниот обвинител.
(13) Правилникот за состав на комисијата за жалби во Советот на јавни обвинители на Република Македонија, начинот на избор и мандат на членовите го донесува Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

21. ДИСЦИПЛИНСКИ МЕРКИ

Член 96

За утврдена дисциплинска повреда, на јавен обвинител може да се изрече една од наведените дисциплински мерки:
- писмена опомена,
- јавен укор,
-намалување на платата во висина од 15% до 30% од месечната плата на јавниот обвинител во траење од еден до шест месеци и
- разрешување од функцијата јавен обвинител.

Член 97

(1) Постапка за утврдување на одговорност на јавните обвинители за сторена дисциплинска повреда или нестручно и несовесно работење се спроведува по предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија за сите јавни обвинители и по предлог на главен виш јавен обвинител за основен јавен обвинител.
(2) Одлука за разрешување на јавен обвинител донесува Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

Член 98

Јавен обвинител кој е разрешен од функцијата, остварува права по основ на работа на начин и под услови утврдени со закон.

22. СРЕДСТВА ЗА РАБОТА

Член 99

(1) Средствата за работа на јавните обвинителства се обезбедуваат од јавнообвинителски буџет како посебен буџет на Република Македонија означен со јавно обвинителство, кој изнесува 0,15 % од бруто домашниот производ. Од овие средства 2% задолжително се издвојуваат за континуирана обука на јавните обвинители.

(2) Јавните обвинителства се финансираат преку буџетскиот корисник од ставот (1) на овој член и други извори утврдени со закон.

(3) Министерството за финансии кое го предлага делот на Буџетот на Република Македонија наменет за јавното обвинителство е должно предлогот пред донесувањето и гласањето во Собранието на Република Македонија да го достави на мислење до Јавниот обвинител на Република Македонија.

(4) Мислењето од ставот (3) на овој член, задолжително се доставува до Собранието на Република Македонија заедно со предлогот за делот на Буџетот на Република Македонија наменет за јавните обвинителства.

Член 100

Јавното обвинителство на Република Македонија врши распределба на средствата одобрени со Буџетот на Република Македонија по обвинителства, годишно и месечно, врз основа на мерила и критериуми определени со правилник кој го донесува Јавното обвинителство на Република Македонија

Член 101

Средствата за работа на јавните обвинителства се состојат од средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, за плати и надоместоци на вработените во јавнообвинителската стручна служба, за други трошоци во врска со извршување на јавнообвинителската функција, за стоки и услуги, за трошоци во постапката вклучително и за консултации и мислења од стручни лица, за стручно усовршување на јавните обвинители и на вработените во јавнообвинителската стручна служба; за набавка на капитални средства и за инвестиционо одржување на објектите и опремата на јавните обвинителства.

Член 102

Платите и другите надоместоци на вработените во јавнообвинителската стручна служба, се определуваат со закон и колективен договор.

Член 103

(1) Просторните услови, материјалните средства, опремата и другите услови за работа на јавните обвинителства ги обезбедува Владата на Република Македонија.
(2) Владата на Република Македонија донесува Програма со определена висина на средства за изградба, реконструкција, одржување на објектите и опремувањето на јавните обвинителства и ја утврдува нивната поблиска намена.
(3) За реализацијата на Програмата од ставот (2) на овој член се грижи Јавното обвинителство на Република Македонија.

Член 104

(1) Во Јавните обвинителства се формира информатички систем како дел од Единствениот информатички центар со база податоци за правосудните органи во Република Македонија.
(2) Јавното обвинителство на Република Македонија се грижи за одржувањето на единствената методолошка и технолошка основа на информатичкиот систем на јавните обвинителства.

23. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 105

(1) Јавнообвинителската стручна служба ќе биде регулирана со донесување посебен закон за јавнообвинителска служба.

Член 106

(1) Јавниот обвинител на Република Македонија во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ги донесе подзаконските акти предвидени со овој закон.
(2) Советот на јавните обвинители на Република Македонија во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ги донесе подзаконските акти предвидени со овој закон.
(3) До влегувањето во сила на подзаконските акти од ставовите (1) и (2) на овој член ќе се применуваат подзаконските акти донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 107

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за Јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” број 150/2007 од 12.12.2007 година и Законот за измени и дополнувања на Законот за јавно обвинителство бр.111/08 од 03.09.2008 година), освен одредбите од членот 57 кои ќе се применуваат по измена на Законот за судови

Член 108

Одредбите од член 62 на овој закон ќе се применуваат со денот на отпочнување со примена на Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 150/2010 од 18.11.2010)

Член 112

(1) Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во”Службен весник на Република Македонија”.

Напишано на: 25/09/2013 | Од: | Нема коментари »