Етички кодекс на јавните обвинители во Република Северна Македонија

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Кеј Димитар Влахов бр.23 1000 Скопје, тел. 02/3298-288, факс. 02/3219-881

 

ЕТИЧКИ КОДЕКС НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

 

 

I . ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

 

Целта на донесување на Етичкиот кодекс на јавни обвинители во Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Кодексот) е воспоставување на стандарди за етичко однесување на јавните обвинители.

Тие содржат насоки за јавните обвинители и креираат рамка за регулирање на нивното однесување. Насоките содржани во Кодексот претставуваат надополнување, а не отстапување, од постојните законски прописи и правила на однесување што јавните обвинители мора да ги почитуваат.

 

Член 2

 

Со Кодексот се утврдуваат начелата и правилата на однесување на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија, чија обврска е да се придржуваат кон неговите одредби заради зачувување и натамошен развој на достоинството и угледот на јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган.

 

  1. ОСНОВНИ ДОЛЖНОСТИ Член 3

Основна должност на јавните обвинители е секогаш, без оглед на околностите да:

 

  • ги превземаат службените дејствија во согласност со важечкото национално и меѓународно законодавство;
  • ја вршат својата должност законито, непристрасно, праведно, посветено и во што е можно пократок рок;
  • ги почитуваат правилата кои се однесуваат на заштита на човечкото достоинство и човековите права;
  • имаат секогаш предвид дека постапуваат во име на јавниот интерес;

 

  • тежнеат кон постигнување на рамнотежа помеѓу јавниот интерес и интересите и правата на поединците.

 

 

 

  • ЕТИЧКИ ПРИНЦИПИ

 

 

Член 4

 

Јавните обвинители во извршување на својата должност, во односите со другите органи, странките и граѓаните, во јавноста, како и во меѓусебните односи должни се да се придржуваат на следните принципи:

  • самостојност;
  • непристрасност;
  • интегритет;
  • спречување на судир на интереси;
  • ефикасност и стручно постапување;
  • професионалност;
  • достоинство и
  • воздржаност

 

Член 5 Самостојност

 

Јавните обвинители својата должност ја извршуваат објективно, независно од влијанија, мислењето на јавноста и надворешните притисоци, без предрасуди, со почитување и штитење на основните човекови права утврдени со Уставот, законите и Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Јавните обвинители се должни да обезбедат доверба во независноста на својата работа, а посебно:

  • во вршењето на својата функција да бидат самостојни во однос на законодавната и извршната власт, средствата за јавно информирање, здруженијата на граѓаните, јавните личности и други лица и да ја вршат својата функција независно од секое надворешно влијание, ограничување, наговарање, притисок или закана во согласност со сопствената оцена на доказите и толкување на правните норми;
  • во вршењето на својата функција да се воздржуваат од секакво изразување на политички ставови и јавни настапи од политички карактер, освен во случаите на учество во јавни расправи кои непосредно се однесуваат на работата на јавното обвинителство, да се воздржат од присуство на политички собири или од учество во политички активности или кампањи изразено на било кој начин;

 

  • во работните простории, на работната гардероба или тогата, да не користат значки, беџови или други предмети со ознаки на политички партии или предмети и материјали преку кои на било кој начин се изразува партиски став или мислење;
  • при секое недозволено влијание врз работата на јавното обвинителство, да ги известат надлежните државни органи во согласност со законите и другите прописи.

Јавните обвинители, како и секој друг граѓанин, имаат право на слобода на изразување на својата мисла, вероисповед, здружување и собирање во стручни организации, заради заштита на своите професионални интереси, но, во остварувањето на тие нивни права се должни да го чуваат угледот на обвинителската функција и нејзиното непристрасно и самостојно извршување и пропишаните обврски во законите, подзаконските акти и Етичкиот кодекс.

 

 

Член 6 Непристрасност

 

Јавните обвинители за време на водењето на постапката и одлучувањето постапуваат непристрасно врз основа на сопствената оцена на доказите и толкувањето на правните норми.

Јавните обвинители се должни да го почитуваат правото на еднаквост пред законот на сите учесници во постапката и кон нив да постапуваат без наклонетост и предрасуди засновани на национална, верска, етничка, расна, политичка припадност, сексуална определба, пол, возраст, општествено потекло, имотна состојба или други лични својства и определби.

Јавните обвинители не смеат да дозволат брачните, роднинските или пријателските врски кои ги имаат со лицата кои се дел од законодавната или извршната власт да влијаат врз нивната функција и одлучување, како и да делуваат на начин што во јавноста ќе создаде сомневање врз работата на јавниот обвинител од таквите врски или влијанија.

Јавните обвинители се должни да се изземат од постапување во предмети за кои постојат причини за нивно изземање согласно чл.33 од Законот за кривична постапка или заради постоење на било кои други причини или околности кои би ја довеле под сомнение нивната непристрасност.

Јавните обвинители се должни да се воздржуваат од давање изјави во јавност или приватно со кои би можеле да предизвикаат сомнеж во нивната непристрасност, а посебно не треба да даваат коментари за предметите во кои постапуваат или би можеле да постапуваат.

 

Член 7

Интегритет

 

Интегритетот на јавниот обвинител е атрибут на неговата чесност и праведност. Јавниот обвинител секогаш, и не само во извршувањето на службените должности, постапува чесно и на начин што е од корист за соодветното вршење на обвинителската функција.

Јавниот обвинител не смее да го користи угледот на обвинителската функција заради приватни интереси или на интересите на некој член од семејството или негово блиско лице.

 

Јавниот обвинител, членовите на неговото семејство или лица кои живеат во исто домаќинство со него, не смеат да примаат, ниту да бараат никакви подароци, заеми, ниту пак други услуги од странки или лица кои имаат или би можело да имаат интерес во определен предмет, во однос на нешто што обвинителот може да го направи, односно да пропушти да го направи, во врска со вршењето на обвинителската функција, освен по исклучок протоколарни подароци стекнати на службени посети, приеми или прослави.

Забраната за примање подароци се однесува на материјални подароци  и нематеријална корист.

Под материјален подарок се подразбира пари, хартии од вредност, предмети, права и други услуги понудени на јавниот обвинител или нему блиски лица за преземање односно непреземање на определено дејствие при вршење на обвинителската функција.

Под нематеријална корист се подразбира секоја корист за јавниот обвинител или нему блиско лице, која не се обезбедува со плаќање, со цел да делува или да се воздржува од делување во согласност со своите обврски или да ги врши неговите надлежности спротивно на службените обврски и одредбите од овој Кодекс. Нематеријалната корист, исто така подразбира попуст во цени и услуги поради функцијата на јавниот обвинител, како и бесплатен професионален совет на јавниот обвинител.

Под протоколарен подарок се подразбираат подароци примени од страна на службени лица или од меѓународни организации, дадени за време на посети, приеми, гостувања или прослави, чија вредност не надминува 3000 денари во една година.

Лицето за интегритет води Регистар на протоколарни подароци во кој се внесува: видот на подарокот, вредноста на подарокот, подарувачот, примачот, времето и местото на примање. Податоците од Регистарот за протоколарни подароци се доставуват до Етичкиот совет на јавни обвинители.

На јавните оввинители им е забрането информациите кои ги добиле во вршењето на функцијата да ги користат за своја лична корист или за некој друг. Јавните обвинители нема да дозволат адвокат, политичка партија,

меѓународна или домашна невладина организација, која се занимава со набљудување на судски постапки да ги користи нивните куќи, деловни простории или станови како канцеларии.

Јавните обвинители може да бидат хонорарно ангажирани под услови пропишани со чл. 71 од Законот за јавното обвинителство.

 

Член 8

Спречување на судир на интереси

 

Поимот судир на интереси подразбира судир на јавните овластувања и должности на јавниот обивнител со негов приватен интерес, што влијае или може да влијае врз извршувањето на неговите службени должности и овластувања.

Јавните обвинители не смеат да се вклучуваат во надворешни активности кои создаваат или изгледаат дека создаваат судир на интереси со нивната функција.

Јавните обвинители не треба да дозволат нивното професионално извршување на функцијата да биде загрозено од нивните лични, семејни, политички или финансиски интереси.

Јавниот обвинител не смее да постапува во предмети во кои тој, членови на неговото семејство или деловни соработници имаат личен, приватен или финансиски интерес.

Јавниот обвинител не смее да врши било какви јавни или приватни, платени или неплатени должности, што се во спротивност со функцијата јавен обвинител.

Јавниот обвинител е должен да ги препознае и да се заштити од случаите што се подведуваат под судир на интереси и корупција. Доколку јавниот обвинител смета дека определено поведение би ги прекршило принципите на овој Кодекс, тој може да поднесе барање за советодавно мислење или совет до лицето за интегритет назначено од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

 

 

Член 9

Ефикасност и стручно постапување

 

Јавните обвинители се должни да ги почитуваат роковите во сите фази на кривичната постапката. Предметите треба да се решаваат по правилата за приоритет во решавањето на предметите. Примените предмети од ист степен на итност се решаваат според редоследот на прием во работа и во согласност со одредбите од Правилникот за внатрешното работење на јавните обвинителства.

Јавните обвинители заради вршење на својата должност мора да имаат високо ниво на познавање на правото и неговата практична примена. Ова вклучува обврски за непрекинато стручно усовршување и едукација.

Лицата за интегритет во јавните обвинителства задолжително учествуваат во специјализираните обуки за интегритет и етичко однесување.

Јавните обвинители мора да го почитуваат начелото на фер судење кое е загарантирано со чл. 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и слободии и да го почитуваат прецедентното право на Европскиот суд за човекови права.Тие мора да гарантираат, дека истрагата ќе биде спроведена според утврдените стандарди на непристрасен начин, во која ќе бидат прибрани сите докази и истите ќе бидат презентирани пред судот во контрадикторна постапка.

 

Јавните обвинители се должни пред донесување на одлука да ги преземат сите потребни дејствија во кривичната постапка со цел да се прибават докази и потполно да се утврди фактичката состојба.

 

 

Член 10 Професионалност

 

Јавните обвинители се должни во вршењето на функцијата да постапуват стручно, непристрасно, одговорно и ефикасно.

Во вршењето на јавнообвинителската функција и во приватниот живот, јавните обвинители мора да се однесуваат на начин со кој ја штитат честа и угледот на јавнообвинителската професија и довербата на јавноста во работата на јавното обвинителство.

Јавните обвинители се должни да ја почитуваат професионалната доверливост и да ги чуват како тајна податоците кои ги дознале во текот на вршењето на функцијата и по престанок на истата.

Јавните обвинители кога ќе примат од повисокиот јавен обвинител напатствија за постапување во одредени предмети, ќе се воздржат за тоа да даваат известувања или коментари на други.

Јавните обвинители пред преземање било какви работи надвор од јавното обвинителство, а кои не се регулирани со одредбите од Законот за јавното обвинителство, мора да го известат за тоа претпоставениот односно повисокиот јавен обвинител и да постапуваат во согласност со добиеното мислење.

Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста одлуките донесени од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста заклучоците, ставовите, препораките, мислењата, упатствата и други одлуки донесени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, стручниот колегиум или донесени на состаноци на јавното обвинителство.

Јавните обвинители во вршењето на својата функција и во јавноста, ќе ја почитуваат презумпцијата на невиност, не само за предметите по кои постапуваат, туку и за останатите предмети по кои постапуваат други јавни обвинители.

 

 

Член 11 Достоинство

 

Јавните обвинители во рамките на работното време и надвор од него, мора да се однесуваат пристојно и коректно, да се воздржуваат од извршување на активности кои би биле во судир со службените должности или би можеле да го намалат нивниот општествен углед и угледот на јавното обвинителство.

Јавните обвинители во секое време, при секое појавување во јавноста потребно е да имаат однесување со кое ја штитат честа и угледот на својата професија.

 

Јавните обвинители ќе го известат повисокиот јавен обвинител за активностите кои во перцепцијата на јавноста би можеле да побудат сомнение во нивната самостојност и објективност и со тоа би го нарушле нивниот општествен углед и угледот на јавното обвинителство во целина.

Јавните обвинители се должни да внимаваат на своето однесување на јавните места и однесувањето воопшто, за да не нанесат штета на угледот на јавното обвинителство или на јавнообвинителската функција.

Во начелото на достоинство влегува и однесувањето и личниот изглед на јавните обвинители во и надвор од работното време. Јавниот обвинител ја извршува својата функција во судница облечен во тога, а во сите други  прилики мора да биде соодветно облечен.

Јавните обвинители мора да внимаваат на однесувањето и личниот изглед кога се учесници или присуствуваат на меѓународни конференции, студиски посети во странство, или преземааат службени дејствија во странска држава.

 

 

Член 12 Воздржаност

 

 

Јавните обвинители во својата слобода на говорот мора да се воздржуват од изразување на оцени, мислења и стојалишта кои во јавноста може да предизвикаат сомневање во нивната непристрасност, независност и објективност во извршувањето на функцијата.

Јавните обвинители се должни спрема колегите, вработените и странките да се однесуваат со внимание, достоинствено и со резервираност, кои се составни компоненти на јавнообвинителската функција. Тоа вклучува и обврска за почитување на државна, службена или деловна тајна и обврска да задржи за себе се што дознале за странките, за нивните права, обврски и правни интереси во рамките на вршењето на должноста, освен ако тоа не би претставувало кривично дело.

 

 

  1. ОДНОСИ И СОРАБОТКА ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО Член 13

Меѓусебните односи помеѓу јавните обвинители се засноваат на  взаемно почитување, коректност, искреност, соработка и размена на стекнати искуства и знаење со цел за постигнување подобри резултати во извршувањето на функцијата.

Јавните обвинители се должни да им помагаат на јавнообвинителските советници и да ги поттикнуват во нивната стручна едукација и развивање на свест за важноста на нивното однесување во согласност со начелата на Кодексот.

Јавните обвинители кои присуствувале на семинари, работилници, тркалезни маси, студиски посети во странство и слично, на соодветен и транспарентен начин ќе ги споделат искуствата и знаењата кои ги стекнале со своите колеги.

 

Член 14

 

Јавните обвинители своите претпоставени во хиерархијата, навреме и без нивно посебно барање ќе ги известат за своите предмети и сознанија, за кои разумно може да се смета дека е важно за тоа да бидат запознаени.

Јавните обвинители се должни да ги применуваат задолжителните писмени упатства ипи усмените укажувања дадени од повисоките јавни обвинители.

Член 15

 

Јавните обвинители на јавните обвинителства во Република Северна Македонија во секојдневната работа спрема вработените во јавното обвинителство ќе се однесуваат коректно и со почит. Тие мора да бидат добар пример за другите јавни обвинители и сите вработени во јавните обвинителства.

Во организацијата на работата, јавните обвинители на јавните обвинителства, водат сметка за афинитетите, можностите и способностите на вработените, ги поттикнуваат на стручно усовршување и образование, како и да се воздржуваат од дејствување спротивно на Кодексот.

Јавните обвинители спрема јавнообвинителската служба и останатите вработени ќе се однесуваат на начин на кој ќе се обезбеди почитување и углед на функцијата која ја извршуваат.

 

Член 16

 

Јавните обвинители ќе ги почитуваат законските одредби за односите помеѓу повисоките и пониските јавни обвинители (принципот на хиерархија и субординација), меѓусебно ќе соработуваат со цел за постигнување подобри резултати, при што ќе бидат отворени за соработка, размена на информации и податоци за кои дознале, а кои можат да бидат од интерес за работењето на друго јавно обвинителство.

Јавните обвинители ќе ја користат Службата за односи со јавноста во рамките на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за информирање на јавноста за подетални информации по конкретни предмети.

  1. ОДНОСИ И СОРАБОТКА СО ДРУГИ Член 17

Односи со судот

 

Јавните обвинители при застапувањето пред судовите и во секојдневната комуникација со судот, должни се да го почитуваат и чуваат достоинството на судот, своето лично достоинство и достоинството на јавното обвинителство.

Јавните обвинители надвор од рочиште или главната расправа, не смеат да ги коментарат донесените одлуки од судот или за тоа како судот треба да постапува во одреден предмет, ниту пак на било кој начин во јавноста ќе изнесуваат информации за работата на судот.

 

Член 18

Односи со полиција и други државни органи кои постапуваат во предистражната постапка

 

Јавните обвинители во односите со полицијата и другите државни  органи кои постапуваат во предистражната постапка, постапуваат на начин на кој се поттикнува соработка, при што ќе се даваат јасни насоки и ќе се донесуваат разбирливи одлуки во согласност со законот и своите овластувања и одговорности.

Ако утврдат дека е направена злоупотреба или е постапено спротивно  на законот, ќе преземат потребни мерки во согласност со своите законски овластувања.

 

 

Член 19

Однос со осомничениот и обвинетиот

 

Јавните обвинители мора да внимаваат да не се користат докази за кои знаат дека се добиени или за кои основано веруваат дека се добиени на незаконит начин. Ако при прибавувањето на таков доказ дошло до грубо кршење на основните човекови слободи и права, тогаш истиот може да се користи за иницирање законска постапка против лицето кое е одговорно за ваквиот начин на прибавување на доказ.

Јавните обвинители при извршувањето на своите законски надлежности ќе преземаат дејствија за утврдување на правилна фактичка состојба. При оценката на прибраните доказите ќе ги земат предвид сите докази, како оние кои му се ставаат на товар на осомничениот односно обвинетиот, исто така и оние кои одат во негов прилог.

Кога јавните обвинители ќе дознаат факти и податоци кои се во корист на осомничениот односно обвинетиот или дознаат за факти и докази кои се важни за донесување на одлука, истите ќе ги откријат и направат достапни за одбраната на обвинетиот согласно одредбите од Законот за кривичната постапка.

Јавните обвинители во односите со осомничениот односно обвинетиот, треба да ги штитат нивните права и угледот, како и својот углед и угледот на јавното обвинителство. Јавните обвинители притоа мора да се воздржат од било какви дејствија кои можат да ја доведат под сомнение нивната објективност.

За таа цел контактите со осомничените и обвинетите треба да се одржуваат во службените простории, со составување на службени белешки или снимки од разговорот со нив.

 

Член 20

Однос со спротивната страна

 

Јавните обвинители се должни да постапуваат законито и правично со спротивната страна во кривичната постапка, секогаш ќе бидат отворени за спогодба со истата притоа внимавајќи на јавниот интерес и интересот на другите учесници во постапката.

Јавните обвинители секогаш ќе бидат отворени и за други начини на решавање на кривичните предмети согласно законот, заради забрзување на постапката, но не на штета на основните принципи на кривичната постапка и интересите на другите учесници во постапката.

 

 

Член 21

Однос со оштетениот и жртвите на кривичното дело

 

Јавните обвинители ќе обратат посебно внимание на жртвата на кривичното дело односно на оштетениот и членовите на нивните семејства, во заштита на нивните интереси. Јавните обвинители кои работат на конкретен предмет ќе им ги дадат на оштетените или жртвите од кривичното дело, сите потребни известувања за текот на кривичната постапка и крајната одлука донесена во постапката. Исто така, ќе ги поучат за нивните права кои во таа постапка можат да ги остваруваат.

Јавните обвинители ќе се воздржат од изнесување на своето лично мислење при давањето известувања на оштетените и жртвите како и од давање изјави за можниот исход на постапката.

 

Член 22

Однос со граѓаните

 

Во вршењето на својата должност јавните обвинители ќе се однесуваат внимателно и совесно. Спрема граѓаните ќе постапуваат хумано и со почит на нивната личност. На барање на тие лица ќе им ги дадат во разумен рок сите информации кои се овластени да ги дадат. Ако не можат да постапат по ваквите барања, ќе ги запознаат со причините за неможноста за давање на одредени информации.

Јавните обвинители се должни да одбијат примање подароци и услуги  од сите учесници во постапката. Ако подароците или услугите се направени спротивно на нивната волја, должни се писмено веднаш да го известат претпоставениот, со наведување на околностите во кои е даден подарокот или е направена услугата.

Јавните обвинители се должни на ист начин да постапат и ако станува збор за обид за давање подарок или правење услуги.

 

Член 23

Однос со органите на државната управа

 

Јавните обвинители во односот со службениците во органите на државната управа, постапуваат професионално, како со стручни и доверливи соговорници.

Заради превенција во борба против корупцијата во органите на државната управа, јавните обвинители при своето постапување по конкретни предмети за кривични дела сторени од вработените во овие органи, на соодветниот орган на државната управа ќе му достават релевантни укажувања и податоци, заради превентивно прекинување на понатамошни коруптивни дејствија.

 

Член 24

Однос со медиумите

 

Јавните обвинители се должни во случај на оправдан интерес на јавноста, во рамките на законот да дадат објективна информација имајќи ги притоа во вид сите околности на конкретниот случај, а особено интересот на постапката, правата на осомничениот или обвинетиот, правата на жртвата и другите учесници на постапката.

Јавните обвинители или лицето кое што го овластиле за тој случај се должни на медиумите да им дадат што е можно пообјективна информација, која во тоа време е оправдана и дозволена со оглед на стадиумот на постапката.

За евентуални дополнителни информации, медиумите и јавноста ќе ги упатат на Службата за односи со јавноста во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

 

 

Член 25 Меѓународна соработка

При работата на барањата за давање на правна помош, јавните обвинители бараната помош ќе ја дадат во најкраток можен рок, согласно одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривична материја.

 

 

  1. НАДЗОР НАД ПРИМЕНАТА НА ЕТИЧКИОТ КОДЕКС

 

Член 26

Лице за интегритет

 

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, од редот на јавните обвинители, назначува лице за интегритет кое врши советодавна дејност по однос на етичките дилеми кај вработените во јавните обвинителства.

 

Лицето за интегритет може на барање на јавен обвинител да даде мислење и совет за усогласеноста на одредено однесување со Кодексот. Мислењата и советите од лицето за интегритет имаат превентивно и советодавно значење. Тие укажуваат на поведенијата кои би можеле да претставуваат повреда на одредбите на Кодексот. Барањата за мислења и совети доставени до лицето за интегритет како и фактите и околностите изнесени во нив, се доверливи.

Мислењето на лицето за интегритет не е обврзувачко за Етичкиот совет, ако за истото однесување се достави претставка до него.

Член 27 Етички совет

 

Заради надзор на почитувањето и толкувањето на Етичкиот кодекс се основа Етички совет на јавни обвинители (во натамошниот текст: Етички совет) кој го сочинуваат претседател, негов заменик и четири членови од редот на јавните обвинители и нивни заменици.

Претседателот на Етичкиот совет и неговиот заменик го избираат членовите од своите редови, со мандат од две години и со право на уште еден реизбор.

Членовите на Етичкиот совет и нивните заменици ги именува и разрешува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој Кодекс. Еден од кандидатите за членови на Етичкиот совет и неговиот заменик се именуваат на предлог на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од редот на јавните обвинители членови на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија. При именувањето на членовите на Етичкиот совет ќе се почитува принципот на правична и соодветна застапеност на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Мандатот на членовите на Етичкиот совет и нивните заменици е за период од 4 години, со право на уште еден реизбор.

Членовите на Етичкиот совет уживаат имунитет и не можат да бидат одговорни или против нив да се покрене дисциплинска постапка поради гласање, искажано мислење или дејство како член на Етичкиот совет.

Членовите на советот работат без надоместок.

 

Член 28

 

Постапката со која се утврдува повреда на начелата на Кодексот, Етичкиот совет ја регулира со Правилник, а начинот на работа на Советот го регулира со Деловник, кои се донесуваат во рок од 30 дена од денот на конституирање на Етичкиот совет.

 

Член 29

 

Етичкиот совет дава свое мислење за усогласеноста на одредено однесување на јавен обвинител со принципите на Етичкиот Кодекс по поднесена претставка за однесување на јавен обвинител, иницијатива на непосредно повисок јавен обвинител и по сопствена иницијатива.

Седниците на Етичкиот совет се јавни.

Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител.

На Јавниот обвинител на кого се однесува претставката ќе му се овозможи право на одговор во рок од осум дена.

По спроведената постапка, доколку Етичкиот совет оцени дека претставката е основана, доставува мислење до јавниот обвинител на надлежното јавно обвинителство во кое јавниот обвинител ја извршува функцијата, како и до повисокиот јавен обвинител.

Ваквото мислење на Советот, претпоставениот јавен обвинител во кое јавниот обвинител ја извршува функцијата, како и повисокиот јавен обвинител, го смета како иницијатива за поднесување на предлог за поведување на дисциплинска постапка за сторена дисциплинска повреда од чл. 92 алинеја 1 од Законот за јавното обвинителство.

Ако наводите во претставката или иницијативата од непосредно повисокиот јавен обвинител се неосновани, Советот донесува мислење во кое го констатира тоа.

 

 

Член 30

 

Мислењето на Етичкиот совет, по конкретно однесување на јавен обвинител не го спречува применувањето на законските надлежности од страна на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и вишите јавни обвинители да иницираат дисциплинска постапка против јавните обвинители и за дисциплинска одговорност, кога со поединечно однесување на јавен обвинител оцениле, дека постои основано сомневање дека е сторена дисциплинска повреда.

 

 

  • ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 31

Овој Кодекс влегува во сила со денот на донесувањето од страна на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, а ќе се применува од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Со влегувањето во сила на овој Етички кодекс, престануваат да важат Етичкиот кодекс од 2014 год. донесен од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија и Насоките за негова практична имплементација од 2018 год.

 

Поднесените претставки и иницијативи до Етичкиот совет ќе бидат завршени според Деловникот и Правилникот за работа на Етичкиот совет донесени врз основа на Етичкиот кодекс од 2014 година.

 

 

Член 32

 

На членовите на постојниот Етички совет, мандатот им продолжува до истекот на четиригодишниот мандат на нивниот претходен избор, согласно поранешниот Етички кодекс, донесен од страна на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

 

 

 

 

 

 

СОВЕТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Претседател Ацо Колевски

 

 

 

 

 

Бр.02-97/5

Скопје, 05.05.2021 година.