Насоки за практична примена на новите принципи од Етичкиот кодекс на јавни обвинители во Република Северна Македонија со конкретни примери и начинот на негово спроведување со Образец на Пријава за дар

Анекс 1

 

 

НАСОКИ

за практична примена на новите принципи од Етичкиот кодекс на јавни обвинители во Република Северна Македонија

со конкретни примери и начинот на негово спроведување со Образец на Пријава за дар

 

 

 

Самостојност:

 

Пример 1: Јавен обвинител покренува обвинение против лице кое не ужива популарност во пошироката јавност без да поседува доволно докази дека е сторено кривично дело, но базирајќи го случајот на негативниот публицитет што лицето го ужива во јавноста, против кое се води силна медиумска кампања.

 

Ваквото постапување е спротивно на чл. 5  ст. 2 алинеа 1 од Кодексот, според кој јавните обвинители треба во вршењето на својата функција да бидат самостојни во однос на законодавната и извршната власт, средствата за јавно информирање, здруженијата на граѓани, лобистите, јавните личности и други лица, и да ја вршат својата функција независно од секое надворешно влијание, ограничување, наговарање, притисок или закана во согласност со сопствената оцена на доказите и толкување на правните норми“.

Јавниот обвинител со ваквото постапување покажува несамостојно работење и подложност на влијанија од страна на одредени креатори на јавното мислење во средината. Сето тоа, во крајна мера, води кон градење на негативна перцепција на граѓаните за јавното обвинитество и нивна недоверба во него.

 

Пример 2: Јавен обвинител, во својата канцеларија при вршење на распит на осомничен, пие вода од чаша на која е изгравирано логото на политичка партија.

Ваквото однесување е спротивно на чл. 5  ст.2 алинеа 3 од Кодексот според кој јавните обвинители е пропишано: „во работните простории, на работната гардероба или тогата, да не користат значки, беџови или други предмети со ознаки на политички партии или предмети и материјали преку кои на било кој начин се изразува партиски став или мислење“.

  • Јавниот обвинител создава впечаток за негова партиска определеност, па дури и подреденост и кај осомниченото лице доколку е политички опонент на партијата чија чаша ја користи обвинителот, може да предизвика сомнеж за политички реваншизам;
  • Доколку пак, осомничено лице е член на истата партијата чие лого е впишано начашата на јавниот обвинител, наведената состојба може да создаде впечаток дека треба да се извршат партиски интервенции/влијанија врз јавниот обвинител во насока на запирање на процесот против него;
  • На крајот, доколку осомничениот е партиски и политички неутрално лице, опишаната состојба може да предизвика чувство на несигурност и немоќ, како и впечаток дека во работна просторија се врши партиска агитација.

Пример 3: Во периодот на предизборна кампања, приватното возило на јавен обвинител се користи за превоз и дистрибуција на предизборен рекламен материјал за една од политичките партии која учествува на претстојните избори.

Оваа состојба е спротивна на чл. 4 ст.2 алинеа 2 од Кодексот, според кој јавните обвинители се должни: „во вршењето на својата функција да се воздржуваат од секакво изразување на политички ставови и јавни настапи од политички карактер, освен во случаите на учество во јавни расправи кои непосредно се однесуваат на работата на јавното обвнителство, да се воздржат од присуство на политички собири или од учество во политички сктивности или кампањи изразено на било кој начин“.

Иако станува збор за приватно возило, сепак, фактот дека во локалната заедница меѓу населението, возилото е препознатливо како сопственост на конкретен јавен обвинител, неговата употреба во партиски цели, става печат и врз партиската определеност на јавниот обвинител со што се доведува во прашање неговата независност и самостојност во одлучувањето, особено доколку во периодот има предмети/случаи за осомничени кои припаѓаат на политичкиот опонент на партијата чиј пропаганден материјал бил разнесуван со возилото на јавниот обвинител.

 

Непристрасност:

Пример 1: Јавен обвинител е поканет да присуствува на новогодишна прослава на комора која ја претставува бизнис заедницата во државата.

 

Согласно чл. 6  ст. 2 од Кодексот: „Јавните обвинители се должни да го почитуваат правото на еднаквост пред законот на сите учесници во постапката и кон нив да постапуваат без наклонетост и предрасуди засновани на национална, верска, етничка, расна, политичка припадност, сексуална определба, пол, возраст, општествено потекло, имотна состојба или други лични својства и определби“. Оттука, за да не биде нарушена непристрасноста на јавниот обвинител и да се создаде перцепција дека одредена општествена група е фаворизирана од негова страна, пожелно е ваков вид на покани да бидат одбивани од страна на јавниот обвинител.

 

Пример 2: Јавниот обвинител води случај во кој обвинето е лице познато на пошироката јавност како поранешен носител на висока државна функција. Јавниот обвинител, во неколку наврати, пред одреден број на лица со кои има пријателски однос, изнесува лични согледувања за карактерот, начинот на живеење и однесување на обвинетиот.

 

Член 6  ст. 5 од Кодексот пропишува дека: „Јавните обвинители се должни да се воздржуваат од давање изјави во јавност или приватно со кои би можеле да предизвикаат сомнеж во нивната непристрасност, а посебно не треба да даваат коментари за предметите во кои постапуваат или би можеле да постапуваат“. Оттука, ваквите коментари на јавниот обвинител предизвикуваат недоверба во неговата непристрасност, која раѓа недоверба и кон институцијата генерално и се спротивни на наведената одредба од Кодексот.

 

Интегритет:

 

Пример 1: Делегација составена од јавни обвинители, службено, на трошок на буџетот на јавното обвинителство, патува во посета на јавно обвинителство на странска држава заради размена на стручни ставови,искуства и продлабочување на взаемната соработка. Еден од јавните обвинители сака на патувањето да биде придружуван од својата сопруга.

Според чл. 7 ст. 3 од Кодексот: „Јавниот обвинител, членовите на неговото семејство или лица кои живеат во исто домаќинство со него, не смеат да примаат, ниту да бараат никакви подароци, заеми, ниту пак други услуги од странки или лица кои имаат или би можело да имаат интерес во определен предмет или достава на продукти или услуги во обвинителството, во однос на нешто што обвинителот може да го направи, односно да пропушти да го направи во врска со вршењето на обвинителската функција, освен по исклучок протоколарни подароци стекнати на службени посети, приеми или прослави“.

Одредбата на Кодексот не содржи изрична забрана за реализација на намерата на јавниот обвинител, но во секоја ваква конкретна ситуација, пожелно е да се изврши консултација со лицето за интегритет за целисходноста на реализацијата на намерата. Крајно, доколку придружувањето од член на семејството не би го нарушило интегритетот на обвинителот и не би создало негативна перцепција во јавоста, потребно е задолжително тие трошоци за патување и сместување да не бидат на терет на државниот буџет и да бидат надоместени лично од лицето што ќе го придружува.

 

Пример 2: Јавен обвинител и адвокат се долгогодишни пријатели. Во еден случај, тие пред судот настапуваат како спротивставени странки во кривична постапка. За времетраење на процесот, адвокатот го поканува јавниот обвинител на приватна семејна вечера кај себе дома.

Според чл. 7  ст. 6 од Кодексот: „Под нематеријална корист се подразбира секоја корист за јавниот обвинител, која не се обезбедува со плаќање, со цел да делува или да се воздржува од делување во согласност со своите обврски или да ги врши неговите надлежности спротивно на службените обврски и одредбите од овој Кодекс“.

Согласно наведената одредба од Кодексот, јавниот обвинител би требало да се воздржи од приватни средби, дружења и забави, со адвокат кој е правен застапник на обвинето лице во случај што го води јавниот обвинител, со цел да го зачува сопствениот личен и професионален интегритет.

 

Пример 3: Шефот на едно јавно обвинителство при службена посета на Државната комисија за спречување на корупцијата во знак на добра соработка добива подарок во вредност од околу 20 евра.

 

Согласно чл. 7 ст.7,  8 и 9: „Под протоколарен подарок се подразбираат подароци примени од страна на службени лица или од меѓународни организации, дадени за време на посети, приеми гостувања или прослави, чија вредност не надминува 3000 денари во дадена година. Лицето за интегритет води Регистар на протоколарни подароци во кој се внесува: видот на подарокот, вредноста на подарокот, подарувачот, примачот, времето и местото на примање. Податоците од Регистарот за протоколарни подароци, се доставуват до Етичкиот совет на јавни обвинители“.

 

Спречување на судир на интереси:

Пример 1: Јавниот обвинител добива случај во кој како осомничен се појавува професор на синот на јавниот обвинител. Ваквата ситуација може да ја доведе под сомневање непристрасноста на јавниот обвинител иако за негово изземање не постои изречен законски основ.

Член 8  ст. 3 и 4 од Кодексот предвидува дека: „Јавните обвинители не треба да дозволат нивното професионално извршување на функцијата да биде загрозено  од нивните лични,  семејни, политички или финансиски интереси. Јавниот обвинител не смее да постапува во предмети во кои тој, неговото семејство или деловни соработници имаат личен, приватен или финансиски интерес“.

Во случајов, пожелно е јавниот обвинител да се консултира со лицето за интегритет во неговото обвинителство и да побара негово мислење по детално објаснување на сите околности. Можна е одлука за барање за изземање доколку биде утврдено дека постојат околности за тоа (живеење во исто семејство со синот, непосредни контакти со осомничениот како професор на синот низ чести родителски средби и сл.).

Пример 2: Јавниот обвинител е во состојба да одлучува за прием на нов јавен обвинител кој е сопруг на неговата матична докторка.

Претходно цитираната одредба од Кодексот, укажува дека е можно загрозување на непристрасноста на јавниот обвинител и негово доведување во состојба на конфликт на интереси. Во оваа ситуација, исто како и во претходната, пожелно е тој да достави барање за изземање од одлучувањето.

Пример 3: Јавен обвинител е ангажиран од Адвокатска комора во својство на експерт да изработи анализа на завршен судски предмет од аспект на почитување на процесните правила во конкретниот случај. За таа цел, понуден му е договор за дело кој вклучува одреден надомест за извршената работа.

Во чл.8 , ст. 2 и 5 од Кодексот е пропишано дека: „Јавните обвинители не смеат да се вклучуваат во надворешни активности кои создаваат или изгледат дека создаваат судир на интереси со нивната функција. Јавниот обвинител не смее да врши какви било јавни или приватни, платени или неплатени должности, што се во спротивност со функцијата јавен обвинител“.

Согласно наведената одредба, јавниот обвинител би требало да побара мислење од лицето за интегритет и во конкретниот случај, да одбие да склучи таков договор.

 

Начин на спроведување на Кодексот:

 

 

 

 

 

 

 

 

Врз основа на член 7 став 9 од Етичкиот кодекс на јавни обвинители во Република Северна Македонија на ден ________________ 202___ година  поднесувам:

 

ПРИЈАВА ЗА ДАР

 

 

Јас _______________________________________, јавен обвинител во/на _____________________________ пријавувам дар примен од дарителот _________________________________________________, со адреса / седиште  ________________________________________ на ден ________________________ година, по повод ___________________________ односно во текот на ____________________________________.

 

Примениот подарок се состои од _____________________________________.

 

Подарокот е во вредност пониска / повисока од предвидената во Етичкиот кодекс на јавни обвинители во Република Северна Македонија поради што ќе го задржам / нема да го задржам како личен дар, односно ќе го предадам во трајна сопственост на јавното обвинителство.

 

 

Датум, место                                                                    Примател на дарот

Јавен обвинител

_____________________