Промовиран практичен водич за постапување по криминал од омраза

На 27.04.2016 година во соработка на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје беше промовиран Практичниот водич за Постапување по криминал од омраза.

Овој водич, изготвен од експерти на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Меѓународното здружение на обвинители е публикација релевантна за различни правни системи, која ќе служи како алатка за подобрување на истрагата и гонењето на криминалот од омраза. Преку имплементирањето на најдобрата пракса се настојува истата да се преточи кај нас со цел делотворен и сеопфатен одговор на криминалот од омраза.

Националниот офицер за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Г-дин Томе Шеќерџиев ја нагласи актуeлноста на оваа тема, посветувајќи особено внимание на потребата од практична употреба на овој водич при водењето на една кривична постапка, воедно упатувајќи апел за почитување и синхронизирање на меѓународните обврски со домашните заложби за борба против криминалот од омраза. Во своето излагање изрази волја за понатамошна подршка на националните институции во борбата против овој вид на криминал.

Презентирајќи ја содржината на оваа практична алатка, г-ѓа Спасенка Андонова, Претседател на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ја апострофираше неопходноста од водење на темелна истрага преку која ќе биде детектиран мотивот за извршување на кривичното дело сторено од омраза, а користејќи ги индикаторите на пристрасност. Воедно, ја истакна и важноста на соодветното постапување со жртвите и сведоците на криминалот од омраза, акцентирајќи ги и вообичаените извори на директни и индиректни докази врз основа на кои ќе се базира еден случај.

Покрај г-ѓа Спасенка Андонова, на присутните се обратија и г-ѓа Анета Арнаудовска, Директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и г-динГонзало Де Чезаре, Шеф на Одделот за човекова димензија при Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Од нивна страна поздравена беше меѓусебната соработка насочена кон унапредување и сензибилизирање на свеста и знаењето на јавните обвинители и судиите и во делот на областа на дискриминацијата и криминалот од омраза, притоа нагласувајќи ја значајноста на водичот, како важна алатка во борбата против криминалот од омраза, што е основно за стабилноста, безбедноста и кохезијата особено во нехомогени општества.