Работилница: Модалитети за прибирање на податоци за криминал од омраза – прибирање и регистрирање на податоците за криминалот од омраза од страна на јавните обвинителства

На 07.12.2017 година во соработка на Здружението на јавните обвинители и Мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржа работилница на тема: Модалитети за прибирање на податоци за криминал од омраза – прибирање и регистрирање на податоците за криминалот од омраза од страна на јавните обвинителства.

Овој настан, наменет за јавни обвинители, се одржа со цел размена на мислења за начините на прибирање, заведување, регистрирање и анализа на податоците за криминал од омраза во рамки на јавното обвинителство, како и детектирање на конкретните податоци кои треба да се регистрираат и чуваат.

Претседателот на Здружението на јавните обвинители, Г-ѓа Спасенка Андонова, истакна дека голем прогрес досега е направен во оваа област, како со изготвувањето на амандманите на Кривичниот Законик, така и со преземањето на конкретни активности за измена на обрасците за прием на кривичните пријави. Напомена дека неопходно е статистичко евидентирање на овој вид криминал, но во насока на усогласување и воедначување на податоците во сите институции надлежни за постапување.

Присутните дискутираа за можностите за попрецизно евидентирање на криминалот од омраза, можностите за комплетна дигитализација и подобрување на информатичките услови во обвинителството со цел олеснето изготвување на потребната статистика и извештаи. Воедно, беа понудени конкретни решенија за зголемено детектирање на криминалот од омраза, како и унапредување на целокупниот систем за употреба на индикаторите за истиот.

Од средбата произлезе дека приоритетни чекори кои треба да се преземат пред се, се обуките за јавните обвинители и вработените во јавните обвинителства за правилно евидентирање на криминалот од омраза, комплетно дигитализирање на обвинителствата, донесување на задолжително упатство во рамки на обвинителството за воедначување на начинот на внесување на податоци во компјутерскиот систем, но неопходна е и реформа во насока на унифицирање на начините на водење на предметите во Министерството за внатрешни работи, јавното обвинителство и судовите, со цел да се избегне дискрепанца во податоците за постапките и истите да се воедначат.