Регионална Конференција: Улогата на јавниот обвинител во второстепената постапка во мешани кривично правни системи

Улогата на јавниот обвинител во второстепената постапка во мешани кривично правни системи беше тема на која дискутираа јавните обвинители од Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Србија и Албанија, на Регионалната конференција што се одржа во Скопје на 15 и 16 октомври

Во организација на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и Јавното обвинителство на Република Македонија, а со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје – Отсек за владеење на правото, конференцијата имаше за цел унапредување на кривичната постапка во делот на поголема гаранција и заштита на правата на поединецот во жалбената постапка, која како коректив важи за основен механизам за владеење на правото.

Меѓународниот настан го отворија г. Марко Зврлевски, Јавен обвинител на Република Македонија и Амбасадорката Мариане Берец, Заменик шеф на Mисијата на ОБСЕ во Скопје. Присутните ги поздрави и г-ѓа Спасенка Андонова, претседател на Здружението на јавните обвинители на Република Македонија.

Јавниот обвинител на Република Македонија истакна дека јавните обвинители во второстепената постапка претставуваат гарант на ефикасното спроведување на правата. Со новиот Закон за кривична постапка тежиштето на јавните обвинители во второстепената постапка е зајакнато со давањето на надлежност да одлучува по жалби на решенијата за отфрлање на кривичните пријави и наредбите за запирање на истражната постапка. Новиот закон, потенцираше г. Зврлевски, согласно кој водечка улога во истражната постапка имаат јавните обвинители даде резултати. Само на скопското подрачје во изминатата година се решени 5000 предмети. Но, Законот за кривична постапка го одзеде правото на оштетените да продолжат приватно со кривичното гонење, со што се одзеде правото на судска заштита. Јавните обвинители сметаат дека второстепената постапка, односно постапката по жалба е гарант на казнената правда, па затоа јавното обвинителство е носител на иницијативата за измени и дополнувања на Законот за кривична постапка.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакна амбасадорката Мариане Берец, дава целосна поддршка во заложбите на јавните обвинители да ги зајакнат структурите согласно новиот закон за кривична постапка. Постоењето на можност грешките во правосудството да се поправат преку корективната улога на повисоките јавни обвинители, влева сигурност во остварувањето на правата на граѓаните. Таа го поздрави присуството на јавните обвинители од регионот, истакнувајќи дека вредните искуства ќе се пренесат во измените и дополнувањата на постојната регулатива.
Претседателот на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија, г-ѓа Спасенка Андонова ја поздрави соработката со Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со чија помош се одржа меѓународната конференција, која е одговор на потребата со размена на информации да се надминат бариерите, да се овозможи непречен проток на информации, со цел да се изврши поголемо усогласување на системите.

На регионалната конференција присутните детално го елаборираа новиот концепт на кривичната постапка со фокус на постапувањето на обвинителите во постапките по жалба, улогата на вишите јавни обвинители како коректив на работата на основните јавни обвинители. Според присутните, законските решенија даваат двојна улога на второстепениот обвинител и прашања кои се отвораат во практичната работа. Имено, предходното законско решение даваше можност на оштетените, односно подносителите на кривичната пријава да го продложат кривичното гонење кога основниот јавен обвинител ќе го отфрлеше нивното барање , т.н. супсидијарна тужба. Новото законско решение ја дава само можноста оштетениот да поднесе жалба до повисокото јавно обвинителство, кое решава по неа. Доколку повисокиот јавен обвинител го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава донесено од понискиот јавен обвинител, постапката завршува. Оштетениот натаму нема законска можност да го продолжи гонењето, а тоа според ставот на јавните обвинители е нарушување на правото на судска заштита.

Самото постапување по поднесените жалби од страна на Вишиот јавен обвинител отвора дилеми кои оставаат простор за дискусија и идно регулирање, како што е поднесување на жалба по два или повеќе пати, одлучување на ист основен јавен обвинител во ист предмет кој веќе еднаш донел одлука за отфрлање и дали вториот пат може да се очекува да одлучи поинаку, значењето на вештачењето во предметите итн.
На конференцијата стана збор и за постапката по жалба согласно Законот за кривичната постапка од 2010 година и принципот на еднаквост на оружјата со особено внимание на инквизиторските елементи на домашната жалбена постапка – нагласената улога на судијата известител, доставата на списите на предметот преку судот до второстепениот обвинител, принципот на еднаквост на оружјата, неможноста второстепениот обвинител да ја одобри жалбата на основниот обвинител поради немање сознание за аргументите на одбраната во жалбата, па својот став го формира кога ќе ги добие двете жалби и одговорот на жалбата.

На крајот на Регионалната конференција учесниците фокусот го насочија кон жалбата на пресуда на првостепениот суд поднесена од страна на јавниот обвинител, односно причините поради кои може да се побива пресудата, особено жалбениот основ за погрешно утврдената фактичка состојба и исклучувањето на основот за побивање на првостепената пресуда заради нецелосно утврдена фактичка состојба.
Плодните дискусии и размената на искуствата помеѓу обвинителите од регионот придонесоа Регионалната конференција да заврши со висока оценка во поглед на корисноста од истата и желба за продолжување на праксата за организирање на вакви средби на регионално ниво.