ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ВО КРИВИЧНА МАТЕРИЈА

Здружението на јавните обвинители во Република Македонија во соработка и со поддршка од Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на 09 декемви 2015 година одржа тркалезна маса за претставување на содржината на идниот Прирачник за меѓународна соработка во кривична материја кој се очекува да биде објавен на почетокот на следната година.

Текстот, изработен од страна на Г-ѓа Маја Конеска, Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Г-дин Владимир Милошески, Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Г-дин Александар Маркоски, Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје, опфаќа лепеза на меѓународни и национални правни акти, релевантни за реализација на меѓународна соработка во кривична материја, притоа осврнувајќи се на македонското практично искуство во оваа област и идејните решенија за надминување на детектираните слабости. Воедно, се потенцираше и начинот на обезбедување на меѓународна правна помош и соработка во процесот на прибирање на докази во електронска форма. Прирачникот има за цел да им помогне на јавните обвинители при постапувањето во предмети со меѓународен елемент, а и да придонесе кон воедначување на праксата во оваа област.

На присутните се обратија и Г-ѓа Катерина Коларевиќ, Секретар на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и Г-ѓа Резарта Шуц, Шеф на Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Заедно упатија благодарност за меѓусебната поддршка и залагањето за усовршување на правната рамка и за постојаните напори за воспоставување на темели за унифицирање на практичното постапување преку изработка на трудови и прирачници, кои ќе користат на сите релевантни институции кои работат на кривична материја.