Тркалезна маса за практична примена на спогодувањето

На 27 ноември 2015 година во Скопје јавните обивнители заедно со претставници од судството и адвокатурата имаа можност да разменат искуства и мислења за практичната примена на институтот спогодување за видот и висината на кривичната санкција. Настанот претставува дел од поширока проектна активност на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија која ќе биде заокружена со изготвување на Анализа за практичната примена на спогодувањето. Анализата, чии автори се г. Марко Зврлевски – Јавен обвинител на Република Македонија, Д-р Тодор Витларов – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип и Д-р Јован Илиевски – Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, опфаќа статистички и аналитички приказ на примената на спогодувањето на четирите апелациони подрачја и, меѓу другото, има за цел да допинење во насока на воедначено постапување на јавните обвинители.

Реализацијата на овие проектни активности е овозможена во соработка со и подршка од Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во текот на тркалезната маса Јавниот обвинител на Република Македонија г.Зврлевски, потенцираше дека спогодувањето во изминатиот период од скоро две години го оправда имплементирањето и во нашата држава. Спогодувањето денес, ја утврдува надлежноста на јавните обвинители во истражната постапка, каде тие можат директно да придонесат за подобрување на ефикасноста и брзината, како и за намалување на трошоците преку спогодување со обвинетите и нивните бранители. Праксата, беше истакнато, укажува дека се почесто имаме предмети во кои спогодбата се однесува и за затворски казни од повеќе години. Тоа докажува, дека јавните обвинители постапувале професионално и имаат прибрано конкретни и непобитни докази во предметите. Досега, истакна Јавниот обвинител на Република Македонија, беа донесени две задолжителни Упатства во кои се даваат насоки за начинот на имплементацијата на овој инструмент, што всушност ја прикажува поддршката која се дава од јавното обвинителство за примена на спогодувањето и отвореноста за усовршување и прилагодување на постапувањето на јавните обвинители согласно на потребите од практичното работење.

Во периодот од декември 2013 до март 2015 година вкупно се склучени 345 спогодби, истакна Вишиот јавен обвинител Д-р Витларов еден од коавторите на Анализата. Во анализираниот период , според статистичките податоци, иако начелно основните обвинителства покажале сериозен пристап во имплементацијата на новововедениот процесно-правен институт спогодување, неопходна е негова поголема примена. Статистички гледано, најголем број на спогодби се склучени за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 од КЗ, но овој инструмент се применува за сите кривични дела. Се почесто иницијатори за спогодувањето се и осомничениот и неговата одбрана. Радува фактот што спогодувањето се препознава како начин за скратување на постапката и взаемна согласност на јавните обвинители и обвинетите со одбраната за вината и висината на санкцијата.

Д-р Јован Илиевски – Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и коавтор на Анализата, даде осврт на спогодувањето во предметите од областа на обвинителството со кое тој раководи. Истакнува дека од 93 предмети со спогодување и со донесување на пресуда врз основа на спогодба, целосно правосилно завршиле 73 предмети против 99 лица. Според вкупниот број на предмети во анализираниот период, може да се заклучи дека со спогодба се решени постапките против 32,4% од вкупниот број на пријавените лица. Искуството, потенцира Д-р Илиевски, ни отвора прашања кои наметнуваат доуредување на спогодувањето и постапувањето на јавните обвинители со подзаконски акти, кое впрочем во континуитет се овозможува. Целта е унифицирање на постапувањето на јавните обвинители, особено ако се има предвид дека инструментот спогодба се повеќе ќе се користи од странките во постапката. Давајќи компаративен преглед на примената на спогодувањето, Д-р Илиевски се осврна особено на предностите и ползата која е воочлива од досегашната примена. Правото и обврската на јавните обвинители се големи при спогодувањето, бидејќи преку него се дава дискреционо право да се реши еден предмет, со определување на висина на казната. Досегашната пракса покажа дека јавните обвинители имаат капацитет за оваа надлежност. Во иднина останува да се даде натамошна поддршка на градењето механизми за поширока примена на спогодувањето.

На присутните се обратија и г-ѓа Резарта Шуц, Шеф на Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје и г-ѓа Спасенка Андонова, Јавен обвинител и Претседател на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија. Задоволни од досегашната осумгодишна меѓусебна плодна соработка, со задоволство ја потенцираа корисноста на трудовите, прирачниците и анализите кои се резултат на континуираната взаемна комуникација и следењето на потребите на јавните обвинители.