Управување со увидот на местото на настанот и форензична експертиза

На 03-04 декември 2015 година, во организација на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители “Павел Шатев“, Одделот за криминалистичка техника и вештачење при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Институтот за судска медицина, а поддржано од Биро за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (INL) Американска Амбасада Скопје, се одржа тркалезна маса на тема “Управување со увидот на местото на настанот и форензична експертиза“.

Во присуство на јавни обвинители, судии, претставници на Министерството за внатрешни работи и Институтот за судска медицина, се говореше за потребата од цврста меѓуинституционална соработка во насока на обезбедување на материјални докази. Присутните ја потенцираа потребата од водење на координирана постапка, раководена од јавен обвинител со ангажирање на стручни, односно вешти лица заради утврдување и прибавување на стручно мислење за факти кои се од интерес за успешно да се заврши кривичното гонење. Воедно, се укажа на неопходноста од вршење на непосреден увид, со цел разјаснување на важен факт, пронаоѓање и обезбедување на траги релевантни за донесување на соодветна одлука.

Настанот го отворија Г-ѓа Спасенка Андонова, Претседател на Здружението на Јавните обвинители во Република Македонија, Г-дин Ристо Бојаџиски, член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители “Павел Шатев“ и Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Штип, Проф. Д-р Алексеј Дума, Институт за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија и Г-дин Марк Л. Ласер, Виш правен советник, Правна канцеларија на ИНЛ при Амбасада на САД во Скопје. Од нивна страна, се потенцираше важноста од континуирано професионално ангажирање заради ефективна примена на законската легислатива во пракса. Поздравена беше и соработката во изминативе години на проекти кои се од витално значење за подобрување на правниот систем во Република Македонија и постојаното иницирање на теми кои се во насока на конструктивно решавање на дилемите кои се појавуваат при практичното постапување.