Претседателот на Здружението на јавните обвинители на Денови на македонската адвокатура
Претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели се обрати на свеченоста по повод почетокот на манифестацијата Денови на македонската адвокатура што се одржува во Струга.
„Релациите меѓу адвокатите и обвинителите никогаш не биле едноставни. Многу често ние сме на спротивставени страни во судницата, ги вкрстуваме аргументите и ја браниме сопствената теорија. Но, уверен сум дека целта ни е иста, а тоа е правдата да биде задоволена. За сите страни и во сите околности“, истакна јавниот обвинител Вели во своето обраќање.
Здружението на јавните обвинители и Адвокатската комора како професионални организации, секоја во својата фела, имаат обврска да се залагаат и да инсистираат за доследнa примена на етичките стандарди во двете професии, додаде тој.
Адвокатската комора и Здружението на јавните обвинители имаат потпишано Меморандум за соработка со кој е предвидена соработка во повеќе области, а во следниот период интензивно ќе се работи на реализација на планираните активности.