Улогата на Здружението за јакнење на интегритетот и независноста на јавните обвинители
Претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели се обрати на конференција "Зајакнување на судската отчетност, независност и довербата на јавноста" организирана од Академијата за судии и јавни обвинители и ЦЕЕЛИ институтот од Прага, нагласувајќи ги сите аспекти на улогата на Здружението во гарантирање и промоциа на независноста и интегритетот на јавните обвинители.
Притоа, тој особено ги истакна активностите на Здружението на јавните обвинители во промоцијата на професионалниот интегритет и во создавање на услови за независност на обвинителското постапување од сите можни влијанија.
„Доколку обвинителството е подложно и не опстојува на влијанијата од извршната, законодавната власт, политички и бизнис интереси или други надворешни фактори, тоа директно води кон пристрасност и нефер постапки и до нарушување на правото на еднакво судење за сите граѓани. Затоа, преку своите реакции и преку предлози во системските законски решенија, Здружението на јавни обвинители секогаш инсистира да се заштити независноста на обвинителите од било какви влијанија кои би можеле да ја поткопаат нивната стручност и објективност“, рече Вели.
Според него, јавнообвинителското постапување мора да биде засновано на принципите на стручна и професионална проценка на фактите, а реформите во правосудството мора да бидат насочени кон обезбедување на поголема транспарентност, ефективност, и отчетност на институциите.
„Од суштинско значење е да имаме услови што ќе ни овозможат да работиме слободно и објективно. Финансиската зависност и условеност при доделување и при користење на средствата создава ризик за нарушување на интегритетот и непристрасноста на обвинителството. На оваа основа, ние мора да настојуваме да имаме буџет што ќе ни дозволи да функционираме без да зависиме од случајни или можни политички манипулации“, рече Вели.
Тој нагласи дека за жал, до овој момент, Република Северна Македонија е држава во регионот која најмалку вложува средства во јавното обвинителство, така што според процент од вкупниот буџет, и според вкупен обем на средства сме на дното во целиот регион, а споредбата со европските земји е невозможно и да се направи.