Промовирани препораки за користење социјални медиуми од страна на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители, во соработка со проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, финансиран од Европската унија, промовираше препораки за користење на социјални медиуми од страна на јавните обвинители.
Документот има за цел да ги информира јавните обвинители за различните ризици при користење на социјалните медиуми и нуди практични совети за справување со етичките прашања поврзани со активностите и присуството на социјалните мрежи и медиуми.
ПРЕПОРАКИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ ОД СТРАНА НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ
„Живееме во време кога дигиталната комуникација не е повеќе избор, туку реалност. Социјалните мрежи станаа доминантен простор за информирање, изразување ставови, јавна дебата, но и за создавање перцепции. Прашањето како ние, како јавни обвинители, се однесуваме на социјалните мрежи не е приватно прашање, туку прашање од јавен интерес“, истакна претседателот на Здружението, јавниот обвинител Елвин Вели.
За важноста на овие препораки промовирани како една од активностите на проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото” зборуваше судијата Гжегож Борковски, лидер на Компонента 1 во проектот поддржан од ЕУ. Препораките не се задолжителни, но истите содржат корисни насоки усогласени со домашните и меѓународните етички стандарди.
Овие препораки беа изготвени со стручна поддршка од полската јавна обвинителка Катажина Кришијак, која е меѓународен експерт за јавно обвинителство, во рамките на европскиот проект. Таа нагласи дека нивната задача е преку практични насоки да се олеснат етичките дилеми на јавните обвинители при користењето на социјалните мрежи и преку тоа да се придонесе за јакнење на јавната доверба и интегритет на институцијата.
И покрај тоа што овој документ пред се е наменет за јавните обвинители, препораките се внимателно конципирани за да можат да бидат применети и користени и од страна на членовите на Советот на јавните обвинители, како и од сите вработени во јавнообвинителската служба.



