Здружението на јавните обвинители – иницијатор на протокол за соработка меѓу Јавното обвинителство и МВР
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потпишаа Протокол за соработка со кој се уредуваат клучни области на заедничкото постапување на двете институции. Протоколот е изготвен на иницијатива на Здружението на јавните обвинители, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
За подготовката на овој документ беше формирана работна група од претставници на Јавното обвинителство и на Министерството за внатрешни работи. Двете институции, во текот на овој процес, дополнително усогласија и дефинираа повеќе аспекти на меѓусебната координација во клучни области кои се одразуваат на ефикасноста во постапувањето, појасни претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.
„Протоколот предвидува дека двете институции во иднина ќе формираат Комисија со задача да ја следи имплементацијата на овој документ, да решава тековни проблеми при неговото спроведување, да предлага измени и дополнувања на Протоколот. На тој начин веќе е предвиден механизам со кој овој документ практично ќе се надградува и унапредува онака како што ќе налагаат потребите на зајакнувањето на соработката меѓу двете институции“, рече Вели.

Протоколот дополнително ќе ја динамизира работатата и ќе го усогласи постапувањето на Обвинителството и МВР во сите сегменти, очекува Јовески.
„Граѓаните од нас очекуваат да соработуваме и да им испорачаме ефикасна правда. Само обединети на фронтот против сторителите на кривични дела можеме да постигнеме резултати со кои ќе ја вратиме довербата на јавноста во институциите на системот“, рече тој.
„Целта на протоколот е да ни помогне поефикасно да ги водиме кривичните постапки, имајќи ги предвид заштитата на правата на жртвите, осомничените и обвинетите, во согласност со националното законодавство и потпишаните меѓународни договори“, рече Спасовски.
„Важноста на Протоколот не треба да се потценува. Овој документ ќе им помогне на полицијата и на јавните обвинители подобро да ги идентификуваат и да ги истражуваат кривичните дела и успешно да ги гонат сторителите. Уште повеќе, ќе ги забрза истрагите со што ќе ја зголеми ефикасноста на борбата против криминалот во земјава“, уверен е амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
За Здружението на јавните обвинители овој Протокол претставува многу важен проект, со кој ги оваа организација ги потврдува приоритетите за унапредување на условите и стандардите за работа на јавните обвинители. Во следниот период, веќе се во подготовка уште неколку проекти со кои Здружението ќе придонесува за јакнење на професионалните стандарди и за зголемување на ефикасноста на јавнообвинителското постапување.