Работилница „Обезбедување докази од странство“
Сторувањето на кривичните дела со различни цели не може да се ограничи на територијата на една држава, па затоа се појавува и потребата од поголема и непречена соработка меѓу надлежните институции од различни земји во сузбивање на криминалот, истакна претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели, отворајќи ја работилницата „Обезбедување докази од странство“ што се одржа во Скопје.
Здружението ја организира оваа работилница за јавните обвинители во соработка и со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје и на Канцеларијата за развој, помош и обука на обвинителствата во странски држави - ОПДАТ при Министерството за правда на САД.
„Како што криминалот ги брише границите и се почесто се прелева секаде низ светот, така и државите и надлежните органи мора да ги бришат границите меѓу себе, да ги поедноставуваат процедурите за размена на информации и со тоа да овозможат ефикасен кривичен прогон и заплена на противправно стекнатата имотна корист“, нагласи обвинителот Вели, додавајќи дека од особено значење е таа соработка да биде низ една прецизна законска рамка за прибавените докази на тој начин да бидат дозволени пред судот при докажувањето.
За можностите на соработката со САД, од аспект на полициската соработка и инструментите на меѓународна правна помош зборуваше Џон Мекнил, Федерален обвинител од САД. Тој се осврна на различните видови барања за правна помош и соработка со американските органи, обезбедувањето на податоци од оператори за идентификација на корисници, како и начинот на добивање различни видови електронски докази.
Осврт на поставеноста на Европол, правната рамка за соработка преку механизмите и алатките кои ги има Европол ги презентираше Јасмина Трамбурова Михајловска, началник на Одделението за Европол во земјава.Иво Арсовски офицер за врски во Бирото за врски на Република Северна Македонија во Европол ги презентираше различните аспекти на соработка со Европол кои им стојат на располагање на македонските истражни органи.