Контакт
+(389) 78 415 907

Јавните обвинители и медијаторите потпишаа меморандум за соработка


Здружението на јавните обвинители и Комората на медијатори на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за разбирање и соработка со кој иницираат испитување на можностите за вклучување на медијацијата како начин за алтернативно решавање на кривичните постапки.

Ваквите модели, кои успешно веќе се применува во Холандија,  значително придонесуваат за ефикасност на постапките и за зголемување на довербата во правично решавање на конфликтите кои довеле до кривично-правно дело, истакна претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.

Засега медијацијата во кривична постапка во нашата држава е возможна единствено во предметите против деца во судир со законот, согласно Законот за правда за децата, како и во постапките по приватни тужби согласно Законот за кривична постапка.

Според претседателката на Комората на медијатори Гордана Богеска, позитивни примери за широка и ефикасна примена на медијацијата во кривичните постапки веќе има и во соседните земји.

„Примената на позитивните искуства од другите земји, може навистина да помогне во јакнењето на свеста за важноста на медијацијата како особено ефикасен начин за надминување на споровите , за што како Комора веќе сме вклучени и во регионална соработка и размена на искуства со земјите од регионот “, додаде Богеска.

Здружението на јавните обвинители и Комората на медијатори со потпишаниот Меморандум најавија и повеќе други заеднички активности, кои вклучуваат заемни обуки и работилници, учество во заеднички проекти и размена на информации.