Контакт
+(389) 78 415 907

СООПШТЕНИЕ


Новиот предлог-закон за јавното обвинителство предвидува вкупниот буџет на институцијата да изнесува 0,5% од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ. Тие средства се наменети не само за платите на јавните обвинители, туку за целокупните трошоци на јавните обвинителства во државава.
Во таа сума влегуваат и платите на јавнообвинителската администрација, и трошоците за вештачења, и трошоците за сите дејствија преземени во истражните постапки, и трошоците за одржување на системите кои се неопходни за функционирање на Јавното обвинителство.
Од 2020 година, кога за првпат во Законот беше предвидено да се издвојуваат 0,4% од државниот буџет за Јавното обвинителство, до денеска обвинителството секоја година добива едвај околу половина од овие средства поради што веќе е соочено со сериозен предизвик да ги покрие основните трошоци за работата на Јавното обвинителство.
Споредено со сите земји во регионот, а и пошироко, и по процентуален удел и по вкупен износ на средства, земјава се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена. Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот. Бројот на јавни обвинители и на јавнообвинителска служба е далеку под европскиот просек, а сепак обвинителствата успеваат да го совладаат приливот на предмети и да решат по 20-тина илјади предмети годишно. Токму овие факти ги препознава и Европската унија и од тие причини финансиската самостојност и обезбедувањето ресурси за обвинителството се меѓу клучните реформи кои се бараат од нашата земја.