Контакт
+(389) 78 415 907

Реакција на јавните обвинители на вчерашната дискусија во Уставниот суд


Уставниот суд е пред клучна одлука – ќе ја заштити ли уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство или ќе дозволи да се наруши принципот на поделба и контрола на власта?

Вчерашната одлука и поделеното гласање на уставните судии, кои не успеаја да заземат конкретен став дали да се поведе постапка за оценување на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, претставува основ за сериозна загриженост не само на јавните обвинители, туку и на целокупната јавност, бидејќи на тој начин за првпат се доведе во прашање самостојноста на Јавното обвинителство како институција со посебна уставна позиција. Ваквата позиција Уставот му ја дава на обвинителството со задача да обезбеди и да гарантира независност во вршење на функцијата на кривично гонење, особено во случаи кога предмет на гонење можат да бидат и носители на функции во некоја од другите власти.

Принципот на самостојност на Јавното обвинитлество произлегува токму од потребата за независност и затоа несфатливо е како дел уставните судии сметаат дека на обвинителството независноста не му е иманентна, кога самиот термин „самостоен државен орган“ претставува јасна уставна квалификација која исклучува организациска или друга подреденост на обвинителството на која било од трите други гранки на власта. За тоа постојат јасни законски и институционални гаранции кои воспоставуваат механизам за да се обезбеди професионална автономија на обвинителската служба и да се спречи политичко или друго влијание врз нејзиното функционирање. Во рамките на тој механизам е предвидено и посебно тело – Совет на јавните обвинители кое се грижи за самостојноста и независноста на јавните обвинители.

Опасноста да се дозволи директна контрола на извршната власт врз обвинителството во конкретниот случај се манифестира низ расправата за Законот за платите на јавните обвинители, но понатаму неминовно ќе се проектира и во сите останати сегменти на јавнообвинителското работење и ќе предизвика целосно нарушување на позицијата на Јавното обвинителство во системот. Токму тоа има обврска да го спречи Уставниот суд, бидејќи најважната улога на овој суд во системот на поделба на власта е да се осигура и да овозможи тој систем навистина да постои, односно да не дозволи негово нарушување.

Бидејќи поделените мислења на уставните судии по ова прашање создаваат ризик од директен удар врз финансиската независност на обвинителството, но и ја доведуваат јавнообвинителската функција во подредена положба во однос на другите власти, сметаме дека е неопходно да укажеме на современите меѓународни стандарди кои треба да овозможат на јавните обвинители независно да ги извршуваат своите професионални задачи. Во согласност со овие стандарди обвинителите мора да бидат заштитени од секоја форма арбитрерни акции на извршната или законодавната власт, какво што е впрочем ова трето по ред намалување на коефициентите, а со тоа и на платите на јавните обвинители. Тоа е јасно наведено во „Прирачникот УНОДЦ за статусот и улогата на јавните обвинители“, објавен како официјален документ на Обединетите нации, во кој се наведува дека „јавните обвинители треба да имаат право на разумни услови за работа и соодветен надоместок, што ќе ја одрази клучната улога што ја имаат, а нивните плати и други погодности не треба арбитрено да се намалуваат“ (стр.31 т.6 алинеја 3).

Римската повелба на Консултативниот совет на европските јавни обвинители, во Мислењето бр.9 од 17.12.2014 година, меѓу генералните европските норми и принципи кои се однесуваат на јавните обвинители во т.53 наведува дека „блискоста и комплементарноста на природата на мисиите на судиите и јавните обвинители создаваат слични потреби и гаранции во однос на статусот и условите за работа, кои се однесуваат на начинот на избор, обуките, кариерниот развој, платите, дисциплинските постапки и преместувањата...“

Ова беше потврдено со новото мислење на Консултативниот совет на европските јавни обвинители од 29.10.2024 година, во кое во т. 25 се посочува дека „статусот, независноста, регрутирањето, кариерата, вклучувајќи го оценувањето, разрешувањето и дисциплинските мерки, на обвинителите треба да бидат јасно утврдени, слично како и на судиите, од страна на националниот правен систем, а воедно да бидат регулирани со транспарентни и објективни критериуми“

Овие претпоставки се одразени и во мислењето CDL-AD(2010)040 од 03.01.2011 година на Венецијанската комисија каде независноста на Јавното обвинителство е опфатена во извештаите за европските стандарди за независност на правосудниот систем во кои се укажува на опасноста од мешање  и влијание врз постапувањето. Притоа во т.69 јасно се наведува дека „како и за судиите, плата за јавните обвинители во согласност со важноста на извршените задачи е од суштинско значење за ефикасен и праведен систем на кривична правда. Исто така, неопходен е доволен надомест за да се намали опасноста од корупција на обвинителите“.

Ако и покрај сите овие меѓународни и европски стандарди, во Уставниот суд превагне мислењето дека на обвинителството не треба да му се гарантира независност и самостојност на постапките, јавните обвинители ќе бидат принудени  јавно и до сите релевантни меѓународни организации да реагираат за прекршувањето на демократските стандарди за поделба на власта извршено преку принципот на надгласување.